Ова лето уживајте на планина

Од запуштено селце до топ туристичка дестинација

Распослано под пазувите на Пирин планина, Банско, родното место на Никола Вапцаров и местото каде што Гоце Делчев извесно време бил учител, пред десетина години изгледаше како и другите мали места во Бугарија, додека заедно со Романија во 2007 година стана членка на ЕУ. Оттогаш наваму Банско доживува вистинска туристичка ренесанса. Во Банско не се чувствува дека Бугарија е најсиромашна членка на Е.У. Во општинската каса се слеваат 16 милиони евра од туризам. Градот кој својата експанзија ја доживеа последните години, успешно црпејќи ги европските пари кои дојдоа со влезот на земјата во НАТО, а потоа и во ЕУ, се носи рамо до рамо со најубавите светски туристички центри. Во малото планинско гратче се изградија стотици хотели, а  индивидуалните куќи станаа пансиони. Со тоа се обезбеди работа не само за локалните жители, туку и на илјадници луѓе од околината и од соседните земји. Банско стана модерен туристички центар, најпосетуван во регионот и во зима и во лето. Кон него гравитираат туристи од земјата, но и од соседните држави. Со модерната жичарница, се претвори во топ дестинација за туризам на Балканот.

 

Како се валоризираат природните потенцијали? Одговорот е - паметна стратегија. Наместо згради, општината стимулирала градба на туристички капацитети и инфраструктура. Ништо не направено со државни пари. Само ја реализирале идејата. Ескпанзијата дојде со пријатната клима за инвестирање во која најмногу предничат Англичаните и Русите.

Рај за љубителите на голфот

 "Пирин голф" кој се протега на површина од 2000 декари е комплекс од висока категорија со пет ѕвезди, сите добиени исклучиво поради квалитетот кој го нуди. Изграден од дрво во препознатлив стил, хотелот во внатрешноста го краси внимателно дизајниран ентериер, првокласно сместување, најразлична понуда на ресторани, спа центар со пропратни содржини и професионална услуга. Комплексот има 18 голф терени опремени со ГПС системи, голф клуб и голф академија, апартмани, вили кои уште се во изградба, шеталиште, трговски центар со тематски ресторани и брендирани продавници, галерии, вештачки езера... Во овој комплекс сé е луксузно, освен цените, кои се неверојатно пристапни за услугите. Атрактивен е за дел од светската елита..

 

 Разновидна понуда

 Банско асоцира на зимски спортови. Има гости постојано преку целата година. Од приказната за ова мало но големо туристичко место може многу да се научи, затоа што туризмот одамна не е само да се поседува природен потенцијал, туку да се понуди на светскиот пазар. Соочен со експанзија на градби кои никнуваат на секој чекор, повеќе не  никнуваат хотели, туку парите се трошат на инфрастуктурен развој. Градот претендира да биде и летна дестинација преку развој на културниот туризам. Летно време, во Банско, се одржува меѓународниот ЈАЗЗ-фестивал, кој е популарен. Се нудат и погледи на дел од раскошната планинска убавина, со свеж воздух и осетниот мирис на природата.

 

Сплетот на национален парк, стари сокачиња, традиционална архитектура, историја и традиција, со нови урбани хотелски комплекси и модерна инфраструктура со интересни ски патеки, го прават Банско еден од најпрестижните планински туристички дестинации во Источна Европа.

 

 

06.06.2014 - 11:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега