Можат ли обложувалниците да го расипат Светското првенство во фудбал?

До почетокот на Светското првенство во фудбал има уште девет дена, а над Мундијалот во Бразил се надви темна сенка откако познатиот американски весник Њујорк Тајмс објави дека постојат основани сомненија дека ќе има обиди за местење на натпревари поради заработка при обложување.

Американскиот весник спроведе сопствено истражување и дојде до извештаи на ФИФА кои докажуваат дека имало местени натпревари пред Светското првенство во 2010 во Јужна Африка, а според изјави на сведоци, во целата афера требало да биде вклучена и судиска тројка од Босна и Херцеговина.

Се уште ништо официјално не е потврдено, но Њујорк Тајмс пишува дека според тој извештај може да се заклучи дека организираните криминални групи кои се занимаваат со местење на натпревари инфилтрирале свои судии во највисоките структури на глобалниот фудбал, што значи дека истите можат да судат и на Мундијалот во Бразил, па ФИФА се плаши од можни скандали во таа земја.

Во извештајот стои дека постои сомневање во пет, а можеби и повеќе наместени натпревари пред СП 2010 година во Јужна Африка. Криминалните организации наводно се обиделе да наместат најмалку 15 натпревари, а меѓу нив и дуелот на САД и Австралија, што може да се заклучи според интервјуата и меиловите кои се наведени во извештајот на ФИФА кој има 44 страници и во него детално е образложено на кој начин професионалните измамници можат да наместат натпревар, пишува Тајмс.

Местењето е организирано по пат на сингапурската компанија Football 4U која вршела притисок на претседателот на судиската организација на ЈАР Стиви Годар, на нив да им го препушти именувањето на судии за одредени пријателски натпревари.

Инаку, таа компанија ги понудила своите услуги за плаќање на судиите, нивно сместување и сите останати трошоци во нивниот фудбалски сојуз, кој имал финансиски проблеми. Но, зад сето тоа се криел обид за местење на натпревари.

Според тој извештај, судската тројка од БиХ по налог на сингапурската фирма требале да судат на мечот меѓу САД и Австралија на 5 јуни, но Годард ги предупредил тие држави на обид за местење, па мечот кој завршил 3:1 за Американците на крај го судела домашна тројка. Наведено е дека бх. судиите откако се открил скандалот добиле доживотна забрана за судење.

Во извештајот е наведен и конкретен пример за судија од Нигер, Ибрахим Чаибу кој во мај 2010 година според сведочењето на негов неименуван колега, влегол во банка во мал јужноафрикански град со чанта во која имало 100.000 долари, во апоени од по 100 долари.

Подоцна истиот тој ден судел подготвителен натпревар за СП меѓу домаќинот на Мундијалот Јужна Африка и Гватемала. Чаибу на натпреварот имал неколку одлуки кои биле многу сомнителни. Тој досудил дури два пенала поради наводно играње со рака, а неговото судење е оценето како катастрофално.

Интересно е дека добил можност да суди натпревар така што наводно го препорачала компанија со седиште во Сингапур, јужноазиски град кој важи како седиште на организиран криминал, кој се занимава со местење на натпревари поради заработка при обложување.

Во извештајот на ФИФА наводно стои дека криминалците дури се заканиле со смрт на судиите кои би одбиле да учествуваат во нечисти зделки. Американскиот весник спровел сопствено истражување во врска со местените натпревари на СП во Африка, така што извршиле десетина интервјуа со челниците на ФИФА, судии, коцкари, детективи и експерти за слична тематика во Јужна Африка, Малезија, Англија,Финска и Сингапур, а покрај тоа дошол до доверливи документи на ФИФА на сто страни, кои разоткриваат како се местат натпревари на највисоко ниво

 

 

03.06.2014 - 11:55
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега