Средба Попоски-Солстром: Македонија е подготвена да ги започне преговорите за влез во ЕУ

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со политичкиот директор во Министерството за надворешни работи на Кралството Шведска, Торбјорн Солстром.

На средбата министерот Попоски ја истакна важноста на континуираната и проактивна шведска поддршка за европската и евроатлантската интеграција на Македонија.

- Македонија е целосно подготвена да ги започне преговорите за пристапување во Унијата, согласно препораките на Европската комисија. За одржување на интегритетот и кредибилитетот на процесот на проширување на Европската унија клучен придонес имаат и земјите членки при носењето одлуки. Во актуелниот геополитички контекст особено е важно почитувањето на меѓународното право и обврски, вклучително и во случајот на Македонија, нагласи Попоски.

Од шведска страна се реафирмирани заложбите и поддршката за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО, во функција на стабилноста на регионот и пошироко.

МНР информира дека заемно е искажано задоволство од позитивниот развој на билатералните односи меѓу двете држави и нагласен е интересот и можностите за интензивирање на меѓусебната соработка во повеќе области како што се инвестициите, трговијата, здравството, образованието и животната средина.

27.05.2014 - 12:44
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега