Соборот на СПЦ ќе расправа за продолжување на преговорите со МПЦ

Владиците на Српската православна црква на Светиот архиерејски собор што денеска почнува во Студеница, а продолжува утре во Белград, треба да расправааат и за евентуалното продолжување на дијалогот со Македонската православна црква.

Како што пренесува Танјуг, на дневен ред најверојатно ќе се најде писмото што Синодот на МПЦ го упати до СПЦ за обновување на прекинатите преговори за надминување на меѓусебните несогласувања.

Според црковни извори, проблем во меѓусебната комуникација се условите што ги поставуваат двете страни, кои, како што се оценува, треба да се спуштат за да дојде до продолжување на дијалогот. 

Високи претставници на СПЦ во повеќе наврати изјавуваа дека услов за продолжување на преговорите со МПЦ е ослободувањето на Јован Вранишковски, кој во Македонија издржува казна затвор за финансиска проневера.

Неодамна двајца митроплити на МПЦ Тимотеј и Пимен се изјаснија дека немаат ништо против Вранишковски да биде помилуван и ослободен ако тоа помогне за продолжување на дијалогот со Српската црква.

Синодот на МПЦ вчера одржа седница на која, како што беше објавено, не бил донесен никаков заклучок во однос на Вранишковски.

Македонските владици очекуваат конкретен чекор од СПЦ за продолжување на дијалогот за отвореното црковно прашање. Синодот на МПЦ минатиот месец испрати писма до вселенскиот патријарх Вартоломеј, до српскиот Иринеј и рускиот Кирил во кои се изразува желба за продолжување на преговорите и за поместување на состојбата во однос на статусот на МПЦ

14.05.2014 - 12:53
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега