Проверете која ќе биде првата дестинација на Претседателот Иванов во новиот мандат

Прва дестинација на претседателот Ѓорге Иванов на почетокот на новиот мандат ќе биде седиштето на Европската Унија, јави известувачот на МИА од Брисел.

По свечениот чин на инаугурација и преземање на новиот мандат, Иванов на 15 мај ќе замине на средби со челниците на Европската унија. Македонскиот претседател ќе има средби со претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј, како и со комесарот за проширување Штефан Филе.

Ваквиот потег на Иванов, на почетокот на вториот мандат, во Брисел се оценува како исклучително позитивен. Фактот дека македонскиот претседател одлучил првите негови средби во новиот мандат да бидат токму со лидерите на ЕУ, кај пошироката европска јавност сигнализира дека Република Македонија под водство на Иванов останува доследна на европскиот курс и агенда, и исполнувањето на стратешките цели за европската интеграција на земјата, коментираат дипломати во Брисел.

Од кабинетот на претседателот на Република Македонија за МИА ја потврдија информацијата дека по инаугурацијата претседателот Иванов ќе престојува во работна посета на Брисел.

Посетата претставува континуитет во политиката на Иванов. Првата негова дестинација по инаугурацијата како шеф на државата и во 2009 година беше Брисел

07.05.2014 - 13:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега