Скопјанец фалсификувал исправа за да користи деловен простор

СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против 55-годишниот М.И. од Скопје, заради постоење основано сомнение дека сторил кривично дело – „фалсификување исправа“.

Пријавениот со намера на незаконит начин да се стекне со право на користење деловен простор во Катастарска општина ЦЕНТАР 1, а кој е во сопственост на Република Македонија, направил и употребил лажна исправа Известување, наводно издадено од Министерство за транспорт и врски.

На 9 април 2013 година, до СВР Скопје било доставено известување од Министерство за транспорт и врски, во кое било наведено дека до оваа институција М.И. доставил барање за издавање акт со кој ќе му се потврди користење деловен простор и во прилог доставил Известување наводно издадено од истото Министерство.

Од извршените проверки и увид во документацијата на Министерството, било констатирано дека барањето на име М.И. било поднесено во архивата на оваа институција, но по негово разгледување било утврдено дека тоа не било со вистинита содржина, односно бил искористен меморандумот и печатот на Министерство за транспорт и врски, додека потписите на известувањето не биле на наведените службени лица.

Исто така, било утврдено дека архивскиот број на известувањето не се совпаѓал, односно не постоел предмет во Секторот за документирање и управување со градежно земјиште заведен под тој број, а Министерство за транспорт и врски воопшто и не било надлежно за давање на известување со таква содржина.

Во Агенција за катастар на недвижности било утврдено дека М.И. поднел Пријава за запишување на промена во катастар на недвижности и во прилог на документацијата повторно го употребил како вистинито Известувањето во кое било наведено дека тој го користи деловниот простор на улицата „Београдска“ бр.85.

Како што соопшти МВР, тој знаел дека за да се стекне со право на користење на деловен простор треба да има склучено Договор за закуп, а бидејќи не го исполнувал тој услов и немал таков договор, го изготвил лажното Известување и заедно со останатата документација го употребил во прилог на Пријава за запишување на промена во катастар на недвижности. Таму бил оформен предмет и било извршено запишување на правата на недвижности кои во системското запишување останале незапишани со прибележување во лист Г дека деловниот простор го користи пријавениот.

Меѓутоа, подоцна од Агенција за катастар на недвижности била донесена Потврда за отстранување на техничка грешка во катастарот на недвижности - по службена должност, со која се потврдува дека по предметот оформен по службена должност, било извршено отстранување на техничката грешка при одржување на востановениот катастар на недвижности за КО Центар 1, со кој извршеното запишување на прибележување, по однос на право на користење на име на пријавениот било избришано од причина што известувањето не претставувало основ за запишување.

М.И. еднаш бил осуден за извршено кривично дело „затајување“ за што од надлежен суд му била изречена парична казна.

03.05.2014 - 14:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега