Со џипови и трактори со сајли ќе одат до избирачките места

За навреме да се отворат трите избирачки меса на планината Плачковица, Општинската изборна комисија во руралната општина Карбинци се подготвува утре членовите на избирачките места да ги транспортира со џипови, a доколку заглават во кал напомош треба да им пристигнат и трактори со салји.

Претседателот на ОИК-Карбинци, Делчо Стоилов вели дека постојаните врнежи од дожд во овој регион ги направија непристапни земјените патишта до три планински села.

- Тоа се избирачките места 2327 во Голем Габер, 2323 Руљак и 2330 во Оџалија. За селото Оџалија делумно е асфалтиран патот, делумно е земјен коловоз, додека за Руљак и за Голем Габер е земјен коловоз, нема ниту интервенирано за поправки и одржување на овие две места, рече Стоилов.

Во Карбинци денеска на гласање излегоа 23, а во Штип 217 болни и изнемоштени лица. Во Затвор Штип гласањето тече без проблеми, право на глас имаат 164 осуденици. Рано утринава е забележана голема излезеност на затворениците кои имаат право на глас и кои се евидентирани во избирачкиот список.

Заменик-претседателот на Избирачкиот одбор во Затвор-Штип, Влатко Конев, изјави дека до 12 часот гласале 106 осуденици.

Во 13 општини во источна Македонија, од Лозово до малешевско-пијанечкиот регион, право на глас имаат 162.403 гласачи, а на списокот за иселени регистрирани се 8.818 лица. Во овие општини има вкупно 373 избирачки места.

26.04.2014 - 15:46

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега