Прогласена вонредна состојба во делови на Србија

Oткако реката Бјелица излезе од коритото и нанесе големи штети врз многу домаќинствабеше прогласена вонредна состојба во општина Лучани, Западна Србија.

Вонредна состојба е прогласена и на територијата на општините Куршумлија и Пожега. Најсериозна ситуацијата во моментот е во Куршумлија каде е упатена Војската на Србија.

Околу 30 куќи во Лучани се загрозени од поплави  а поплавени се 300 хектари обработливо земјиште, а водата навлезе во административната зграда и работните простории на фабриката „Милан Благоевиќ“.

Министрите за одбрана и земјоделство во српската Влада во оставка Небојша Родиќ и Драган Гламочиќ ги посетија денеска поплавените области во Лучани и изјавија дека вакви нешта се повторуваат секоја година, поради што е неопходна реорганизација во јавните претпријатија, бидејќи небрежноста е очигледна.

Градоначалникот на Куршумлија, Родољуб Видиќ изјави дека припадници на Секторот за вонредни состојби при српското МВР во текот на целата ноќ поставувале вреќи со песок на брегот на Топлица, но на крајот надојдената вода се прелеала преку насипите и го поплавила селото Кастрат.

- Ситуацијата е многу тешка, бидејќи нивото на водата во реките продолжува да расте. Постои опасност од поплавувања на многу станбени згради и во Куршумлија, нагласи претпладнево Видиќ.

Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ соопшти дека поради излевање на реката Јошаница, целосно е во прекин сообраќајот на патните правци Бујановац - Јошаничка Бања и Јошаничка Бања - Дрење во јужна Србија.

20.04.2014 - 12:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега