Иванов во Кавадарци: Кога сме единствени резултатите се видливи

Покажавме дека за државата може да се работи тимски. Сите институции да соработуваат и затоа не почитуваат сите земји во светот, бидејќи имаме изграден став како држава и знаеме што сакаме. Ако сме единствени и ако ја имаме вашата поддршка во иднина така ќе продолжиме, рече кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов вечерва на митингот во Кавадарци.

Овие години, како што рече Иванов, покажавме дека надвор имаме еден глас.

- Тоа што ќе го договори државниот врв, тоа што институциите во државата ќе го усогласат, тоа е ставот на државата. И затоа не почитуваат, и затоа се повеќе пријатели имаме и поддржувачи да истраеме на она што е наше. Имаме изграден став. Знаеме што сакаме. И го бараме и тоа што им припаѓа на сите други во овој свет. Ништо повеќе – ништо помалку, рече Иванов.

Истакна дека ако сме единствени и сплотени се што е наше ќе си дојде и оти ни претстои уште многу работа.

- Но, кога сме единствени, кога сме сложни, со заедничка цел, да успее Македонија, тогаш резултатите се видливи, рече Иванов.

Додаде дека и во следните пет години продолжуваат со ист интензитет да работат за граѓаните на Република Македонија.

- Затоа не нарекуваат патриоти. Бидејќи си ја сакаме државата. Но државата се сака со дела, се сака со конкретни проекти, се сака со посветеност. Тоа го покажавме и затоа граѓаните ни веруваат. Затоа ми е мило кога гледам како расте довербата во институцијата Претседател, нагласи Иванов.

Посочи дека земјоделците, пензионерите, учениците, студентите, сите категории почуствувале дека се менуваат нештата во државата.

- Со зедничка цел продолжуваме и понатаму тимски во интерес на граѓаните кои сакаат спокоен живот, рече Иванов.

Нагласи дека ја сакаат државата и со дела и конкретни проекти го покажуваат тоа и затоа граѓаните ни веруваат.

- Најмногу граѓаните ги почитуваат политичарите кога се чесни. Ние покажавме дека сме чесни. Покажавме дека имаме чист образ, да дојдеме и повторно да ја бараме од вас довербата. Сплотени и единствени, со една цел „Успешна и просперитетна Македонија“, рече Иванов на митингот во Кавадарци.

09.04.2014 - 09:46
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега