Ѓорѓиевски: Куманово во Иванов виде чесен човек кој мудро ја води државата

Владејачката коалиција „За подобра Македонија“ вечерва одржува митинг во Куманово.

Кумановци денес масовно се собраа да му дадат поддршка на кандидатот за претседател на владејачката коалиција, Ѓорѓе Иванов.

Како што посочи доктор Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните од Куманово во претходниот мандат на Иванов видоа дека се работи за човек од народот кој ја оправда довербата.

-Иванов демонстрираше една зрелост, искуство, смиреност, прототип на Македонецот. Затоа Кумановци го препознаа како свој човек, како човек од народот, човек кој со мудрост и искуство ја води оваа држава. Претседателот на државата е главниот репрезент  на државата и на народот кој го претставува. Сметам дека и до сега и натаму Иванов многу совесно, филозовски мудро ќе ги брани интересите на оваа држава. Во неговото претставување видовме без многу избрзани потези, еден зрел политичар, политичар кој заслужува и во наредните 5 години да го води овој народ, рече Ѓорѓиевски.

Тој беше кандидат за градоначалник на Куманово и истакнува дека СДСМ во овој град доби мандат и покрај некои недоследности. Централната власт и покрај тоа, рече Ѓорѓиевски, покажува дека и Куманово е дел од Македонија.

-Досега асфалтирани се два локални пата, во тек е изградба на мултифункционалното игралиште. Имаше барање од Министерството за транспорт и врски за решавање на инфраструктурните проблеми во руралните средини околу Куманово, но опозициската СДСМ не покажа доблест да ги прифати тие понуди во интерес на граѓаните да ги реализира. Куманово од таа страна е хендикепирано. Кумановскиот градоначалник ветува економска зона, но со години не ја прави. Ние се надеваме дека ако тој тоа го направи, Иванов и Владата ќе најдат доверители, рече тој.

Останува да видиме, рече тој, дали раководството на СДСМ, ќе има доблест, во интерес на народот, да ја пружи раката за соработка.

04.04.2014 - 20:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега