ФОТО: Рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да расте, на СДСМ стагнира
Како почетокот на кампањата влијаеше на рејтингот на партиите и расположението на граѓаните, најдобро се гледа доколку се направи споредба на последните две анкети на Институтот „Димитрија Чуповски“
Едната анкета направена на крајот на јануари, а втората беше објавена вчера. Споредбата покажува дека кампањата позитивно се одразила кај ВМРО-ДПМНЕ изразено со пораст на рејтингот кај граѓаните. Владејачката партија се уште ужива најголема доверба, која дополнително е порасната изминатиов период. Кај СДСМ се забележува стагнација и извесно намалување.
Според последната анкета, за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле дека ќе гласаат 27,8 отсто од испитаните граѓани, наспроти 14,9 кои би гласале за СДСМ.
Анкетата објавена на 31-ви јануари покажа дека граѓаните најчесто истакнале дека на парламентарните избори ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и дека 26,1 отсто најголема доверба имаат во владејачката партија. Тогаш само 15,1 отсто искажале доверба на СДСМ.
Сумирано, за само два месеци, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ пораснал за 1,7 отсто, а довербата во СДСМ кај граѓаните е намалена за 0,2 отсто.
Ако се споредат двете анкети во однос на изјаснувањето за партијата ГРОМ, ќе се увиди дека партијата на Стевчо Јакимовски бележи зголемување на рејтингот од 0,3 отсто. Дека ќе гласаат за ГРОМ во јануари се изјасниле 1,5 отсто, а вчера 1,8 отсто од граѓаните.
Споредувајќи ги двете анкети очигледни е дека рејтингот на Никола Груевски расте, а довербата кај граѓаниоте во Зоран Заев се намалува.
Во јануари, 26,7 отсто од граѓаните се изјасниле дека најмногу му веруваат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а само 7,5 на лидерот на СДСМ. За само два месеци, 27,9 отсто од испитаниците му искажуваат доверба на Груевски, а 6,9 отсто на Заев. Намалување во рејтингот се забележува и кај Радмила Шеќеринска на која сега и веруваат 0,9 отсто а пред извесно време и верувале 1 процент од испитаните граѓани.
Рејтингот на Никола Груевски е пораснат за 1,2 проценти, а на Зоран Заев намален за 0,6 отсто. Намалената доверба која лидерот на СДСМ ја има кај граѓаните најверојатно се должи на последните случувања-аферите со тендерите и неговата комуникација преку СМС пораки со претседателот на ДПА, Тачи.
Во одговорите на прашањето „Според ваше мислење која политичка партија ќе победи на следните избори“ исто така има промени.
Дури 32,9 отсто граѓани биле сигурни во победата на ВМРО-ДПМНЕ уште пред да бидат распишани превремените парламентарни избори. Сега довербата е порасната и 35,5 отсто од граѓаните очекуваат дека владејачката коалиција ќе добие уште 4-годишен мандат.
СДСМ и овде бележи пад во довербата. Само 13,8 отсто од испитаниците сега веруваат дека опозицијата ќе победи на претстојните избори, а 14,8 отсто така мислеле пред кус период.
Довербата на граѓаните во тоа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори е порасната за 2,6 проценти, а се помалку луѓе веруваат дека СДСМ може да издвои победа и да ја превземе власта.
На минатите избори, анкетите на Институтот „Димитрија Чуповски“ беа најблизу до конечните изборни резултати. Токму затоа важи за најмеродавниот Институт кој прави анкети за мерење на рејтингот кај политичките партии и лидери.