И во Брисел почнаа демонстрации - еден повреден во судирот со полицијата

Еден демонстрант е повреден денеска за време на синдикалните протести во Брисел, на кои полицијата употреби водени топови и солзавец против насилните учесници во демонстрациите.

Демонстрантот е повреден, откако се обидел да фрли со камен кон припадниците на полицијата и случајно се погодил себе си во глава, соопшти белгиската полиција.

Организаторите на протестите очекуваa околу 40 илјади учесници, но портпаролот на бриселската полиција Илсе ван де Кере, оценува дека учестувале околу 25 илјади лица.

Демонстрациите, кои ги организираше Федерацијата на европските синдикати, повикувајќи ги граѓаните од цела Европа со протестен марш да го покажат своето незадоволство од мерките за штедење, почна мирно, но до судири со полицијата дојде на самиот крај од маршот, на Шумановиот плоштад, каде се наоѓаат повеќето институции на Европската унија.

Полицијата тврди дека насилството го предизвикале скинхедсите и членовите на синдикатот на пристанишните работници од Антверпен, кои фрлале со камења кон полицијата, по што полицајците употребиле солзавец и водени топови. 

04.04.2014 - 17:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега