Поради лошото време прекината потрагата по малезискиот авион
Поради лошото време денеска привремено е прекината потрагата по малезискиот авион во јужниот дел на Индискиот Океан.
- Сите авиони се враќаат во Перт, а бродовите ја напуштаат зоната на потрагата, соопштија од Австралиската агенција за поморска безбедност.
Шест воени авиони од Австралија, Кина, Јапонија и САД учествуваат во мисијата, заедно со пет авиони на цивилното воздухопловство, а во операцијата учествуваат и пет бродови.
Малезија вчера соопшти дека снимки од француски сателит регистрирале 122 предмети, што пловат во зоната од 400 квадратни километри во јужниот дел на Индиски Океан.
Зоната, каде се веројатните остатоци од авионот, е на 2.500 километри југозападно од Перт, а во моментов таму врне пороен дожд и дуваат силни ветрови, има и ниска облачност, а видливоста е драстично намалена, пренесуваат медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа