Западот и Истокот се судрија на Крим

Крим, чии граѓани вчера со огромно мнозинство, 96,6 отсто, гласаа за приклучување кон Руската Федерација е стратешки полуостров на Црното Море, кој советскиот лидер и етнички Украинец, Никита Хрушчов и го подари на Украина пред 60 години. Toa денес е епицентар на најголемата криза во односите меѓу Истокот од Западот од завршувањето на Студената војна.

Овој регион стана жариште на кризата во Украина, откако претседателот Виктор Јанукович по повеќемесечните проевропски демонстрации во Киев минатиот месец беше соборен од власт, јави Танјуг.

Територијата на Крим е со големина на Белгија, богата со лозја и плантажи со тутун, привлечна за туристите со својата суптропска клима и приморски одмаралишта.

Пред Советскиот сојуз Крим беше познат како „игралиште на руските цареви“, поради топлата клима и морето.

Историјата на Крим е одбележана со инвазијата и окупацијата на Хуните, Венеција, византиските Грци и османлиските Турци, кои со векови ги контролирале богатите земјоделски области.

Владеењето на Москва на ова подрачје почна во 18. век, кога руската Црноморска флота ја фрли котвата во 1783 година во местото, на кое денес се наоѓа јужниот град Севастопољ.

Русите денес сочинуваат речиси 60 отсто од населението на Крим, област која до 1954 година беше дел од Русија, а историчарите ниту денес не можат да појаснат зошто и е подарена на Украина. 

Тој подарок, кој овие денови ги покажува „своите заби“, во ’60-те години од минатиот век претставуваше симбол на братството на Украинците и Русите, а одлуката ја донесе Врховниот совет во годините кога Советскиот сојуз го предводеше Хрушчов, така што Крим е прогласен за „украинска советска република“.

Во Севастопољ, град во кој живеат околи 350 илјади лица се уште се наоѓа седиштето на Црноморската флота. 

Севастопољ, кој по Одеса е  второ по големина украинско пристаниште, всушност е изграден во 1783 година како поморската цитадела, по наредба на царицата Катарина Велика, во чест на победата над Турците.  

Од 24 февруари, од зградата на градското собрание во Севастопољ е поставено руското знаме, а знамето на Руската Федерација е поставено неколку дена подоцна и на зградата на кримскиот Парламент во Симферопољ.

Дека населението на Крим и децении по „доделувањето“ на Украина се чувствува како руско било кристало јасно и во 2008 година, кога тогашниот претседател, прозападниот лидер на „портокаловата револуција“, Виктор Јушченко, го објави планот да ја исфрли руската флота од Севастопољ. Политичарите на Крим му порачаа тогаш дека резултатите на секој таков чекор ќе бидат - конфликт.

Неодамна соборениот Јанукович, кој на изборите во 2010 година во вториот круг ја победи Јулија Тимошенко, го продолжи договорот со Русија за закуп на Севастопољ на уште 25 години, а Москва за возврат на Украина и даде попуст на цената на гасот.

Севастопољ е и „град на руската слава“, како што Русите го нарекуваат уште од Кримската војна во 19. век, во која на противничката страна заедно биле Обединетото Кралство, Франција, Османлиската империја и Пијемонт.

Украинските десничари истовремено ја обвинија Москва дека планира со Крим да го одигра истото сценарио, како и претходно со Јужна Осетија и Абхазија во Грузија: прво да им подели руски пасоши на граѓаните кои сакаат, а потоа да изврши инвазија, бранејќи ги новите државјани од напади.

Би-Би-Си меѓутоа коментира дека „Украина не е Грузија“ и оти таа по големина е втора европска држава, која се уште има способни вооружени сили.

Кога станува збор за етничките поделби на Крим според историјата во 1944 година Сталин ги депортираше локалните Татари, муслимани во централна Азија, а наместо нив на Крим доселил Словени од Русија и од истокот на Украина. Но тоа не е целата вистина: Татарите претходно масовно соработувале со нацистите.

По падот на Советскиот сојуз, Татарите почнаа да се враќаат на Крим. Зависно од изворот, нивната бројност денес се проценува на меѓу 200 илјади и 300 илјади лица. Тие се добро меѓусебно поврзани, организирани и лојални на Киев.

Кримските Руси, меѓутоа имаа поинаков став за ситуацијата.

Олег Родилов, член на кримскиот Парламент, во врска со приказната за руската флота во 2008 година ги појасни причините зошто нема потреба да го сметаат за сепаратист поради проруското расположение.

- Мит е дека Украина не е дел од Русија. Ние во тоа не веруваме...За вас Украина и Русија априори се различни држави. За нас, Украина и Русија се априори иста држава...Заедно сме веќе 350 години, смета Родилов.

Аналитичарите оценуваат дека украинската криза би можела да се реши и со поделба на таа земја, а доколку тоа се случи, очигледно е на која страна ќе биде Крим, како и останатите источни и централни области.

Американскиот Си-Ен-Ен објави на својот Интернет портал интересен графички приказ на Украина, по региони: очигледно е дека и на минатите претседателски избори во 2010 година поддршката на прозападните и проруските сили е поделена точно по линијата, која ги разделува областите на земјата во кои се зборува претежно украински, односно руски јазик. Тоа е линијта, која Украина ја дели на источна и западна. 

извор: МИА

17.03.2014 - 10:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега