Предвремени парламентарни избори во Србија

Над 6,76 милиони граѓани на Србија со право на глас денеска ќе излезат на предвремени избори за да се изјаснат за составот на новото српско Народно собрание.

На изборите учествуват 19 листи на партии, коалиции и независни кандидати, од кои седум се на партии на припадниците на националните малцинства за кои не важи правилото за надминување на избориот цензус од пет проценти за освојување пратенички места.

Паралелно со предвремените парламентарни, ќе се одржат и избори за членови на Собранието на Град Белград и на општинските собранија на Араанѓеловац, Бор, Неготин и Пеќници.

Првите неофицијални резултати се очекуваат денеска пред полноќ.

Предвремените парламентарни избори во Србија се одржуваат на иницијатива на првиот вицепремиер и лидер на владејачката десничарска Српска напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, кој се очекува да биде голем победник на утрешното гласање.

Иницирајќи ги предвремените избори во текот на јануари, Вучиќ нагласи дека на неговата партија „и е потребен посилен мандат за да може да ги спроведе реформите и да ја поттикне Србија кон членство во Европската унија“.

Сите анкети на јавното мислење покажуваат дека Вучиќ е на добар пат да го оствари своето барање, бидејќи неговата СНС се очекува да извојува убедлива победа на изборите. Единствено останува непознато дали коалицијата предводена од СНС ќе обезбеди апсолутно мнозинство во Парламентот или ќе и недостасуваат неколку пратеници за тоа.

Според последните анкети на јавното мислење, коалицијата околу СНС ужива поддршка на меѓу 43,5 и 44,9 проценти од гласовите. На второто место е помалиот партнер на СНС во владината коалиција, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на актуелниот премиер Ивица Дачиќ, која може да се надева на меѓу 13,9 и 15,1 проценти од гласовите, а по неа следат Демократската партија (ДС) на Драган Ѓилас со меѓу 9,7 и 10,4 отсто, блокот на Новата демократска партија (НДС) на Борис Тадиќ со меѓу 7 и 7,3 проценти и Демократската партија на Србија (ДСС) со меѓу 6,4 и 6,9 отсто поддршка. Парламентарните избори во Србија денеска ги следат вкупно 735 набљудувачи - 556 домашни и 179 странски.

16.03.2014 - 10:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега