Молк од свештеникот во Св. Петка за новите тужби

 

„Свештеникот Митко Митрев е одговорен за тоа кој може да членува во црковната општина „Света Петка“ во Рокдаил, Австралија. Тој е надлежен за членството во оваа црковна општина.“ Ова, преку писмо им го соопштил Дејвид Саш, адвокатот на владиката г. Петар на членовите на црковната општина, во кое посочил и дека ако некој од членовите одбие да се повлече од членството, ќе биде приморан да поднесе тужби против него.

Отец Митрев вчера одби да одговори колку членови треба да се повлечат од црковната општина, како и кои се причините за нивно тргање од членството.

Безуспешни беа неколкуте обиди телефонски да се стапи во контакт со него. Прес24 сакаше да му постави прашања и за тоа според кои критериуми ќе одлучува кој ќе биде, а кој не член, како и за тоа колку од сегашните членови ги исполнуваат условите да бидат членови на „Света Петка“.

Претходно, г. Петар, преку својот адвокат, писмено го известил секретарот на црковната општина, Петер Котевиќ дека ќе поднесе тужба против него, доколку не се откаже од членство во црковната општина.

Ова според, членовите на „Света Петка“ е она што г. Петар го најавуваше минатата година, односно дека преку закани и уцени за нови судски спорови, ќе може да издејствува превласт врз црковната општина „Света Петка“.

Судот во Австралија донесе одлука дека г. Петар има право да служи во црквата Св. Петка, но со имотот остана да управува црковната општина.

Досега, Македонците во Австралија неколку пати побарале од Синодот на МПЦ да најде начин како да се спречат поматамошните судски процеси на австралискиот континент, бидејќи тоа ќе значи пропаст за македонската заедница.

Минатата година, пак, дел од владиците на МПЦ побараа да се прекинат судските процеси во Австралија, сметајќи дека од тоа корист имаат само адвокатите.

Цркавта „Света Петка“ во Рокдаил остана со недефиниран статус по одлуката на Синодот, од декември 2012 година, да му ги одземе ингеренциите на владиката Петар врз 14-те црковни општини и да ги стави под своја јуриздикција, а за нив како администратор да го назначи владиката Тимотеј.

Заклучок на комисијата беше дека по завршувањето на судскиот спор, Синодот ќе одлучи каде ќе припадне оваа црковна општина.

 

 

11.03.2014 - 16:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега