НЕТПРЕС: Заев затајувал данок (ФОТО+ВИДЕО)
Основниот суд во Струмица му изрекол казна за затајување на познат бизнисмен во Струмица, пишува Нетпрес.
Според пресудата од 25. септември 2013 година до која стигна Нетпрес, Бобан Заев, управител на „Тргопродукт“ и прв братучед на градоначалникот на Струмица Зоран Заев, извршил кривично дело „Даночно затајување“ и бил осуден на условна затворска казна.
-Со намера, фирмата на Заев, за увоз-извоз,’Тргопродукт’, да одбегне делумно плаќање данок и други давачки согласно Законот за персонален данок на доход, дадени се лажни податоци со што е прикриено утврдување на износ на персонален данок на доход, во износ од 2.490 евра, стои во пресудата.
Според судскиот документ до кој дојде Нетпрес, во периодот од јануари до декември 2006 година, од кредитна картичка која гласи на име на „Тргопродукт“, биле вршени плаќања за хотелски услуги, трошоци за превоз, хотелско сместување, бензин, ресторани и слично во износ од 4.600 евра. Парите не биле поткрепени со соодветни документи за намената за која биле потрошени, и за нив не бил пресметан и наплатен персонален данок во износ од 800 евра.
-Истата година, во готово биле исплатени патни сметки во износ од 9.448 евра, но не постоеле документи за покритие, поради што фирмата требала да плати персонален данок во износ од 1.667 евра, стои во пресудата.
По овие два основа ниту бил пресметан, ниту пак бил платен данок од 2.490 евра и судот утврдил дека Бобан Заев сторил даночно затајување, по член 279 ст.1 од Кривичниот закон.
Според Кривичниот законик, казните за даночно затајување се казна затвор од шест месеци до пет години и парична казна, додека ако износот е значителен, тогаш затворската казна е најмалку четири години и плус парична казна. Сепак, Кривичниот законик не прецизира што значи „значителен износ“.
Во членот 279 од Кривичниот законик стои:
Даночно затајување
„(1) Тој што со намера самиот или некој друг да одбегне целосно или делумно плаќање данок, придонес или некоја друга давачка на која е обврзан со закон, дава лажни податоци за своите приходи или за приходите на правното лице, предметите или другите факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски или тој што со иста намера во случај на задолжителна пријава не пријави приход, односно предмет или друг факт од влијание за утврдување на ваквите обврски, а износот на обврската е од поголема вредност, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна.
(2) Ако износот на обврската од став 1 е значителен, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години и со парична казна.
(3) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“.
Како што пишува Нетпрес, останува енигма висината на сумата со која Заев бил казнет. Откако судот утврдил дека е виновен за „даночно затајување“, тој заработил парична казна од 100 евра и условна казна затвор од 30 дена, доколку во период од една година не стори ново кривично дело.
-Во пресудата стои и дека Струмичкиот суд, согласно членот 96-а од Кривичниот законик, го осудил правното лице ДПОЗ „Тргопродукт“ ДОО увоз-извоз од село Дабиле, Струмица, на парична казна во износ од 100.000 денари, пишува порталот Нетпрес.
Зоран Заев во јавноста истакнуваше дека фирмите на неговото семејство редовно плаќаат даноци. Оваа пресуда на Основниот суд во Струмица го покажува спротивното.
Погледнете ја изјавата на Зоран Заев, која беше дадена во јавноста по изрекувањето на пресудата на неговиот прв братучед, Бобан Заев.