Грипот зема замав - заболени 14.909 лица
Во текот на 7-мата недела годинава во Македонија се пријавени 3.975 новозаболени од грип. Во однос на минатата недела претставува зголемување на бројот на регистрирани случаи за 26%.
Во споредба со бројот на заболени во 7-мата недела од минатата сезона, се бележи зголемување за 51,1%, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, се регистрира зголемување за 55,9%.
Вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 14.909 лица, а е поголем за 39% во однос на истиот период минатата година, а за 26,6% во споредба со просечниот број заболени за оваа недела во претходниот 10-годишен период.
Во текот на 7-мата недела се регистрирани два смртни случаи со лабораториски потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А, со што вкупниот број на смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип во оваа сезона се покачи на 5. Првиот смртен случај е маж на 55-годишна возраст од Скопје, а вториот случај е жена на 61-годишна возраст од Охрид. И двете починати лица не биле вакцинирани против сезонски грип.
Во текот на 7-мата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 27 материјали за тестирање на грип, од кои 19 биле позитивни и тоа: 15 се нетипизирани инфлуенца А вируси, 2 се позитивни на вирусот на инфлуенца А/H3N2, и 2 на вирусот на инфлуенца B. Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 125 хумани материјали од здравствените установи, од кои 71 или 56,8% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните материјали, 90,1% се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 9,9% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.
Од инфлуенца А позитивните, 12,5% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 29,7% се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 57,8% се нетипизирани инфлуенца А вируси.