„Резолуцијата на ЕП за Македонија е шамар за Грција“

Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија во која уште еднаш го повикува Советот на Европската Унија без одлагање да одреди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, јавуваат денеска грчките медиуми.

Во дел од написите се наведува дека резолуцијата е “шамар“ за Грција, бидејќи е усвоена со огромно мнозинство од европратениците, а во неа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите.

Голем дел од грчките медиуми толкуваат дека известувачот за Македонија во ЕП, Ричард Ховит во извештајот ја обвинува Грција дека е „одговорна за тоа што не е најдено взаемно прифатливо решение за името“.

Под наслови „ДА за преговори“ со Македонија, грчките весници пишуваат дека грчките европратеници сметаат дека резолуцијата е „неизбалансирана во целина“, и дека во неа „не се правилно распределени одговорностите за не-напредокот во преговорите за името“.

Грчките медиуми ставаат акцент и на тоа дека во извештајот е останата придавката „македонски“, и повторно го нема терминот „Македонија“.

Во сите грчки написи за извештајот на ЕП за Македонија, стои и дека е усвоен амандманот на групата на Зелените „со кој се претпочита вистинско решение со сложено име, но поставува услов да не се се оспоруваат Македонскиот идентитет, култура, националност и јазик“.

07.02.2014 - 11:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега