Груевски: Растот на индустриското производство - резултат на многу реформи и работа

Премиерот Никола Груевски денеска истакна дека растот на индустриското производство е над очекувањата и за декември и за целата мината година.

- Во декември имаме 9,5 отсто раст на индустриското производство споредено со декември минатата година, а просекот за целата година е 3,2 и тоа е над нашите очекувања. Тоа е добро кога растот на индустриското производство е над очекувањата и над планирањата, а е резултат на многу работа, истакна тој.

Премиерот додаде дека се работи за резултат на многу работа, на многу реформи, на создавање добра клима, привлекување и охрабрување инвеститори, директна помош во решавање на нивните проблеми од страна на Владата и на министрите, многу проекти со кои сме во директна комуникација со компаниите и со фабриките обидувајќи се да им помогнеме на секој можен начин во рамки на законите.

- Се разбира, тоа е резултат и на залагањата на самата бизнис-заедница во Македонија и на самите сопственици и инвеститори на овие фабрики и со заеднички сили работите се движат во добра насока. Очекувам да продолжи така и во текот на оваа година растот да биде висок, изјави премиерот Груевски.

 

01.02.2014 - 14:21
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега