Каролина Гочева во сериозна врска

Каролина Гочева е во сериозна врска, тригодишна, со мобилниот оператор ОНЕ. "Врската ја продолжуваме, заедно сме две години, оваа е трета, како и секоја сериозна врска и ние имаме сериозни планови. Навистина е чест и задоволство да се соработува со компанија како ОНЕ. Заедничка цел ни беше да растеме заедно и годинава продолжуваме да ги остваруваме заедничките планови кои се големи. Она што можам да го ветам е дека и оваа година ќе работиме партнерски и посветено, на сите љубители на добрата музика да им понудиме атрактивни музички содржини и настани", рече вчера Каролина Гочева на прес-конференција на која кажа дека го продолжува договорот на уште една година со овој мобилен оператор. За старт на продолжената соработка битолчанката доби подарок Ајфон-петка.

"Нашата врска веќе станува сериозна, три години е период за почит. Веќе добро се познаваме, делиме исти вредности и нижеме заеднички успеси. Ние сме навистина горди на оваа соработка и сметаме дека два големи бренда како ОНЕ и Каролина несомнено треба да бидат заедно. Од досегашната соработка произлегоа низа успешни проекти, а продолжувањето на договорот е потврда за задоволството на двете страни" - рече главниот извршен директор на ОНЕ, Цирил Кафол.

Во двегодишната соработка овие два бренда - музички и мобилен реализираа многу заеднички проекти: првиот компилациски албум "Најубави песни", "Македонско девојче 1" и "Македонско девојче 2", видеозаписи, низа концерти низ Македонија и рекламни кампањи во кои Каролина имаше носечка улога. Новиот договор ги опфаќа сите концертни случувања на Каролина за година и тоа нови рекламни кампањи и други заеднички активности.

29.01.2014 - 23:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега