Почина поетот Хосе Емилио Пачеко кој ја доби наградата „Златниот венец“

Мексиканскиот поет Хосе Емилио Пачеко почина вчера на 74-годишна возраст кој во август минатата година во Струга ја прими наградата на фестивалот „Златен венец“.

“Струшките вечери на поезијата со огромно жалење ја примија тажната вест за смртта на Хосе Емилио Пачеко, еден од најголемите мексикански и светски поети и писатели. Сочувствуваме со огромната болка на семејството поради ненадоместливата загуба  на  бардот кој на светската литература и подари дело неодминливо по уметничките и естетски вредности. Во миговите на тага се потсетуваме на прекрасните мигови од неговиот престој во Република Македонија во 2013 година, кога му беше врачен „Златниот венец“ за особените остварувања на неговото поетско творештво. Горди сме на тоа што имавме една таква прекрасна личност и творец за лауреат на најпрестижната светска награда за поезија. Неговото поетско дело ќе продолжи да живее и низ препевот на македонски јазик”, соопшти  вечерва НУ Струшки вечери на поезијата.

Хосе Емилио Пачеко е роден на 30 јуни 1939 година во Мексико Сити.  Предавал книжевност на многу универзитети во Јужна Америка, САД и во Канада. Бил член на Мексиканската академија на јазиците. За своето исклучително поетско творештво многукратно е наградуван, а лауреат е и на големата награда „Сервантес“.

27.01.2014 - 19:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега