Лондон предупредува: Можни терористички напади за време на Олимпијадата во Сочи

Високи функционери во лондонски Вајтхол, чиј идентитет не се споменува, предупредија денеска дека терористички напади во Русија „се многу веројатни“ пред и за време на зимските Олимписки Игри во Сочи.

Властите во Лондон ја имаат заканата што до британскиот Олимписки комитет ја испрати исламистичката милитантна група Имарат Кавказ, со која се предупредуваат Британците „за она што може да се случи за време на Олимпијадата“.

Лидерот на оваа група Емир Доку Умаров, кој е во бегство, уште минатата година ги повика сите свои следбеници да направат „се што е потребно, за да се наруши одржувањето на Игрите“.

Во декември, во два одделни напади на бомбаши самоубијци во Волгоград, беа убиени 34 лица. Одговорноста за двата напади ја презеде една исламистичка група од Дагестан.

Британските проценки се дека во Сочи ќе биде многу потешко да се извршат напади, отколку во град каков е Волгоград, поради силните безбедносни мерки што ги презема Русија, ангажирајќи покрај полиција и специјални безбедносни сили и уште 37.000 војници. Сите тие имаат создадено „челичен прстен“ околу олимписките борилишта, што не може да се направи во било кој град.

Руските власти веќе трагаат по Рузана Ибрагимова (22) вдовица на убиен исламистички екстремист, за која се верува дека е веќе во Сочи и дека може да изврши бомбашки напад.

Безбедносни експерти стравуваат дека покрај неа, има уште три други жени кои би можеле да бидат бомбаши-самоубијци.

Британските безбедносни агенции немаат податоци за можен напад врз британски цели во текот на зимските Игри, а лондонски екесперти оценуваат дека тамошните исламисти се повеќе насочени кон Русија, отколку кон Западот, како цели на напади.

Заедничка безбедносна проценка е дека закана може да бидат исламистите кои се вратени од фронтот во Сирија.

Официјална Москва ги отфрли заканувачките писма испратени до Западот, како „лажни творби“.

Но Форин Офисот ги предупреди Британците на максимална претпазливост доколку се најдат како гости и туристи во Сочи и на Олимписките Игри.

Форин Офисот забранува патување во Чеченија, Ингушетија и Дагестан, а бара да се одбегнуваат непотребни патувања во Северна Осетија, Каракаи-Черкезија и Кабардино-Балкирија.

Олимпијадата во Сочи почнува на 7 февруари и ќе трае до 23 идниот месец. 

27.01.2014 - 15:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега