Ахмети се премислува: Предвремени парламентарни избори заедно со претседателските?

Нема да биде изненадување, доколку ДУИ се согласи, заедно со претседателските да се организираат и предвремени парламантарни избори. Висок функционер на ДУИ за Дневник вели дека во Мала Речица се премислуваат околу ставот дека нема потреба за предвремено соочување со граѓаните.
Освен ставот за двојни избори, интегративците ги омекнуваат критериумите што ги испорача за консензуален кандидат за шеф на државата за таа идеја првенствено да се најдат со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, пишува Дневник.

„Анализираме кои би биле придобивките ако се согласиме на предвремени парламентарни избори. Аргументите за избори се дека и така половина година ќе биде изгубена кога станува збор за прашањето за името и тоа поради грчкото претседателство со ЕУ, како и локалните избори во Грција и изборите за Европарламентот. Аргумент што натежнува во прилог на предвремени избори е и тоа што ако парламентарните одат во пакет со претседателските напролет, се отвора простор идните три години да нема избори“ - вели функционерот на ДУИ за весникот.

Од ДУИ велат дека на крајот од јануари или првата недела во февруари ќе биде појасно дали на 13 април, за кога откриваат дека ќе се одржи првиот круг од претседателските избори, граѓаните ќе гласаат и за нов состав на парламентот. Оттука изборите за шеф на државата ќе бидат распишани до 10 февруари, а вториот круг од гласањето за претседател ќе биде на 30 април, пишува Дневник.

17.01.2014 - 11:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа