Денеска точно две години од несреќата на бродот „Коста Конкордија“

Преживеаните од бродоломот на туристичкиот брод „Коста Конкордија“ денеска ја одбележаа втората годишнина од несреќата шетајќи со запалени свеќи и со минута молчење во судницата во која му се суди на капетанот на бродот.

Капетанот Франческо Скетино е обвинет за убиство од небрежност, предизвикување бродолом и напуштање на бродот пред евакуација на сите патници.

Локалните жители на островот Џиљо годишницата ќе ја одбележат со голема  миса и вечерна процесија со запалени свеќи.

На денешен ден пред две години луксузниот брод „Коста Конкордија“, долг 290 метри и тежок 114.500 тони, удри во гребен во близина на островот Џиљо и делумно потона. Во несреќата загинаа 32 лица.

Во септември минатата година со помош на кран, челични кабли и понтон, бродот беше исправен, а до јуни треба да биде отстранет од пристаништето на островот Џиљо.

13.01.2014 - 13:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа