Овие ракометари имаат стомачен вирус - се чувствуваат добро

Ракометната федерација на Македонија преку соопштение вечерва ја информира јавноста дека вирус е причината за влошувањето на здравствената состојба на дел од репрезентативците поради што тие завршија во болница. Но, по добиениот третман репрезентативците се чувствуваат добро и ќе бидат подготвени за Европското првенство.

- На последниот ден пред заминувањето на машката ракометна репрезентација на претстојното ракометно првенство во Хернинг, Данска, кај 5 играчи на А-тимот се појавија знаци на премаленост и нагон за повраќање. Индикациите укажуваа на симптоми при состојба популарно позната како стомачен вирус. По реакцијата на лекарскиот тим и укажаниот соодветен третман во клиничката болница „Систина“, ракометарите се чувствуваат добро и утре изутрина заедно со целиот табор ќе заминат за Данска, стои во соопштението од РФМ.

Во него се пренесува и изјавата на докторот Никола Панчевски кој се грижи за здравјето на македонските репрезентативци.

- Станува збор за гастритичен проблем од вирусно потекло, кој е причина за одењето на дел од ракометарите во болница. Во последниве две недели имаме зголемен број пациенти со слични симптоми и потешкотии, поради што веќе сме подготвени на брз начин да се справиме со нејзините последици. Дел од играчите почувствуваа премаленост и нагон за повраќање, поради што мораа да добијат третман. Но, нагласувам дека не е ништо страшно и дека тие ќе бидат подготвени за настапите на претстојното Европско Првенство, изјавува д-р Панчевски.

Македонската експедиција утре во 9 часот заминува во Данска, а в недела од 20 часот и 30 минути против домаќинот ќе го има првиот настап.

Здравствени проблеми имаа: Велко Маркоски, Ванчо Димовски, Гоце Георгиевски, Дејан Манасков и Бранислав Ангеловски.
 
Македонија во недела во терминот од 20:30 часот го игра првиот натпревар од Европското првенство со домаќинот и европски шампион Данска.
 
10.01.2014 - 21:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега