Уште денеска можете да се пожалите за прашањата за екстерно

До  вечер во 21 часот може да се праќаат коментари на www.prasanjaeksterno.dic.edu.mk  за неправилности или нелогичности во прашањата и за проблеми со функционирањето на системот, во кој МОН внесе 60.000 прашања од сите предмети, струки и видови образование, кои  ќе бидат на екстерното тестирање на матурантите (трета или четврта година) закажано на 22-ри и за 24 јануари.

Учениците ќе дознаат по кои два предмети ќе бидат тестирани, на 19 јануари. Бројот на прашања по наставен предмет ќе варира зависно од тоа колку е тој застапен неделно, така што за предмет што учениците го имаат еднаш во неделата, во просек ќе има сто прашања.

- До 21 часот денеска ќе биде отворена опцијата за испраќање на последните коментари од сите заинтересирани лица во однос на објавените прашања за екстерното тестирање на матурантите. Од  информациите кои ги имам добиено, има околу 200 коментари, од кои 140 се однесуваат на конкретни прашања, а 50-60 се општи коментари. Во оваа фаза не би сакал да ги квалификувам дали се издржани или не. Направена е посебна работна група во МОН, која ја води директорот на Бирото за развој на образованието, со рок од четири дена, по затворањето денеска, да проверат, и ако забелешките се издржани, ќе бидат прифатени и коригирани за тестирањето, рече министерот Спиро Ристовски.

Министерот вели дека не би требало да се појават проблеми во процесот, бидејќи сега полагаа само матурантите, односно многу помал број ученици отколку во мај/јуни 2013.

- На 19-ти листите ќе бидат објавени и учениците, три дена пред тестирањето, ќе знаат кои наставни предмети ќе ги полагаат, додаде министерот за образование и наука.

До крајот на jaнуари се очекува и конечниот број на наставници и училишта кои покажале најмногу отстапувања во оценувањето на првото екстерно тестирање минатата година, кое опфати околу 200.000 ученици од трето одделение до трета година средно образование. 

10.01.2014 - 14:10
Фото: 
vlada.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега