Псаки: Турција е и ќе остане клучен сојузник на САД

САД изразија загриженост поради корупцискиот скандал што ја погоди Владата на Турција, но ја потврдија важноста на врските со Анкара, особено во врска со сириското прашање, пренeсува "Франс прес".
Во обраќање до новинарите портпаролката на Стејт департментот, Џен Псаки, нагласила дека САД во сите разговори со сите страни во Турција јасно става до знаење дека ја поддржува желбата на турскиот народ за законски систем кој ќе ги исполнува стандардите на отвореност, правовеменост и транспарентност.

"Вашингтон верува во систем во кој никој не е надвор од законот и каде обвиненијата против јавните личности се изнесуваат објективно", истакна Псаки, додавајќи дека Турција е и ќе остане клучен сојузник на САД.

Во Турција минатиот месец изби корупциски скандал поврзана со владата, а оттогаш стотици полицајци добија откази или се преместени на други работни места.

Во последната операција турската Влада смени полициски шефови во 16 провинции, продолжувајќи ги смените и апсењата на полицајците во рамки на големата полициска истрага. Меѓу сменетите полициски шефови се и тие од големите градови, Анкара, Измир, Анталија и Дијарбекир.

10.01.2014 - 14:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа