Во овој момент, во 9:30 часот, во судницата на Уставниот суд започнува необичен разговор на нашето општество со себеси, со различностите, кој може да биде дијалог како инклузивен процес или монолог како чин на исклучување. Ова е миг во кој се расправа за кохезијата на општеството, за неговите споделени основи. Во овие моменти, кога судницата станува арена на судир помеѓу историјата и визијата за иднината, свесни сме дека тоа не е само за законот или Уставот, станува збор и за тоа каква држава сакаме да бидеме, напиша на својот профил пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.
Македонија е татковина за сите нас. Таа не е само територија – таа е приказна за заеднички живот, за споделени предизвици во добро и лошо. И во таа заедничка приказна, јазикот е симбол на нашиот дух, нашето достоинство и нашата слобода, рече Битиќи.
„Со почит кон македонскиот јазик, јас, како Албанец, го прифаќам неговото значење и вредност за македонскиот народ. Ја прифаќам и мудроста на Крсте Мисирков, кој рекол: „Да се откаже човек од својот народен јазик значи да се откаже тој и од народниот дух и од самиот себе си.“ Овие зборови ме инспирираат да додадам дека истата таа вистина важи за сите јазици во оваа држава, без разлика на тоа кој јазик го зборуваме – македонскиот, албанскиот или било кој друг.
Во овие моменти, кога самата можност за употребата на албанскиот јазик е доведена во прашање, свесен сум дека можеби утре некој ќе се обиде да го замолчи мојот глас. Но, јазикот е повеќе од зборови – тој е нашиот идентитет, нашето право да бидеме тоа што сме и нашата верба во еднаквоста. Да зборувам на албански јазик во оваа држава значи да верувам во заедничка татковина каде различностите се вреднуваат како богатство. Македонија е најсилна тогаш кога ги слуша сите свои граѓани – на сите јазици“, истакна Битиќи.
Битиќи нагласи дека Македонија е нашата татковина.
А татковината, како што секој од нас знае, не е само земја – таа е дом кој ги прифаќа и почитува сите свои деца, со нивните јазици, нивните култури и нивните идентитети. Употребата на мајчиниот јазик не е привилегија, тоа е фундаментално право што секоја инклузивна држава мора да го гарантира. Само кога сме отворени кон различностите, стануваме посилни и посплотени.
Нашата иднина е во инклузивноста, во тоа да ја градиме Македонија за сите нејзини граѓани, каде што сите ќе се чувствуваат рамноправни и почитувани. Јазикот е клучот што го отвора срцето на татковината, а нашата заедничка должност е да ги почитуваме и зачуваме сите јазици што ја збогатуваат Македонија. Тоа е заедничката татковината за која се бориме. Тоа е иднината што ја заслужуваме“, потенцираше Битиќи.