Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е подготвена - задутре можеме да истрчаме на терен
ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата која што ја предводи секогаш е подготвена, и денеска е подготвена. Еве вчера имавме долга седница на Извршниот комитет којшто траеше до раните утрински часови, партијата е консолидирана, апсолутно функционална, што се вели задутре можеме да истрчаме на терен, но тоа не е суштината.
Ова денеска го истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за актуелизирањето на идејата за предвремени избори идната година, заедно со локалните.
Вели, сите анкети покажуваат дека актуелната власт повторно ќе ја добие довербата.
-Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат што самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено. Јас разбирам, сега некои од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание, рече Мицкоски.
Вели дека прво ќе ги сочекаат резултатите од локалните избори, на кои граѓаните ќе дадат јасна порака дали се потребни предвремени парламентарни избори.
-Ние треба да испорачаме што на вистинските херои им е потребно, а на нив им е потребно клима за да можат да водат бизнис, да инвестираат, да вработуваат луѓе, а со тоа да растеме како држави. Имаме избори локални следната година и граѓаните на тие локални избори ќе кажат дали се потребни парламентарни ли не се потребни. Ако се потребни парламентарни можеме веднаш потоа да организираме и парламентарни избори. Ако тие речат црвен картон има Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш јасна е пораката, ние нема воопшто да ја игнорираме таа порака. Ние не сме СДСМ и ДУИ коишто ја игнорираа пораката на народот за 2021 и на сила беа во владата, ние таа порака нема да ја игнорираме, така што прв тест ќе бидат локалните избори следната година. Доколку коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ ја победи владината коалиција, тогаш апсолутно ние немаме што тука да кажеме. Доколку ние победиме очекуваме конечно да се завртат кон самите себе, да се реформираат со нови луѓе, со нови програмски идеи и да се најдеме на следните редовни парламентарни избори во 2028 година, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа