Охриѓани од денеска ќе се лизгаат на плоштадот

Со културно-уметничкиот настап на учениците од ОУ „Христо Узунов“ синоќа на сцената на Градскиот плоштад во Охрид стартуваше десетдневната новогодишна програма што ја осмисли локалната самоуправа.

Според програмската шема, предвидено е во текот на престојните новогодишни празнични денови секојдневно да се одржуваат некакви културно-забавни збиднувања со содржини за сите генерации и вкусови.

Со концертот на Ламбе Алабакоски вечерва свечено ќе биде отворено и лизгалиштето на мраз што веќе е поставено на Градскиот плоштад, како уште една атракција како за охриѓани така и за гостите кои наредните денови ќе престојуваат тука. Пред  официјалниот старт на лизгалиштето настапи ќе имаат учениците од основните училишта „Братство и Единство“ и „Григор Прличев“.

Настапите на основците и средношколците од градот продолжуваат секој нареден ден до 30 декември. Покрај учениците на сцената кај плоштадот ќе настапуваат и членовите на културно уметнички друштва и актери од охридскиот театар. Во среда во Спортската сала „Атина Бојаџи“ од 18 до 19:30 часот е Новогодишната програма на Општина Охрид. В четврток во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се одржи хуманитарен концерт  „Пееме да помогнеме и да се забавуваме“, а во сабота на Градскиот плоштад свој настап ќе има охридскиот стенд-ап комичар  Никола Тодороски. Новогодишната програма се заокружува идниот понеделник со настап на фолклорните ансамбли „Ѓердан“, „Македонка“ и „Илинден“, сите од Охрид.

Инаку, веќе беше објавено дека за забавата на оние што ќе решат Новата 2014 година да ја пречекаат Градскиот плоштад ќе се погрижат Викторија Лоба, Ламбе Алабакоски, Наум Петрески, Зуица Лазова, Анастасија Петреска, „Синтезис“ и оркестарот „Агушеви“. Секако, сето зачинето со голем новогодишен огномет.

Од локалната самоуправа најавуваат дека активностите ќе продолжат со организирање богата програма и за Божикните и Богојавленските празници. 

23.12.2013 - 16:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа