ВМРО ДПМНЕ: Иванов работеше во интерес на сите граѓани на Македонија

Поголем дел од парламентарните партии изнесоа забелешки за годишното обраќање и работата на претседателот на државата Ѓорге Иванов, чиј мандат завршува во март следната година. 
 
На неговото обраќање во Собранието не присуствуваа најголемиот дел од пратениците од ДУИ и министрите од оваа партија, како и пратениците од ДПА и НДП. Партиите на Албанците за претседателските избори следната година се залагаат за кандидат договорен со консензус меѓу најголемите политички партии, без да биде пресуден фактот дали е тој Македонец или Албанец.  
 
За ВМРО-ДПМНЕ во изминатите пет години претседателот Иванов ја извршува својата фукција на меѓународната политичка сцена претставувајќи ја Република Македонија, но истовремено извршувајќи ги своите уставни и законски надлежности, при што работи во интерес на граѓаните и во интерес на државата. 
 
- Сметаме дека се работи за еден чесен и морален политичар, којшто држи до своите принципи особено кога станува збор за националните прашања, кои се меѓународен предизвик на нашата држава. Она што на домашен план може да се каже за неговата работа и за годишното обраќање, што е своевиден извештај, одлика на неговото работење е отвореност во извршувањето на функцијата претседател на Република Македонија, за што сведочи неговиот секојдневен настап, комуникација со граѓаните и со сите политички чинители во земјата, изјави Милошоски изразувајќи очекување дека на тој начин ќе продолжи да ја извршува неговата функција. 
 
Милошоски ниту потврдува ниту демантира дека Иванов ќе биде кандидат на претстојните избори на ВМРО-ДПМНЕ.   - Се уште е рано да се говори за тоа. Ќе треба да се направат неопходните проценки, да се почнат неопходните процедури и во партиските органи и кај многу повеќе индивидуалци или заинтересирани личности. Кога ќе дојде време ќе се донесат одлуките, вели Милошоски. 
 
За неприсуството на претставниците Албанци на седницата вели дека не го оценуваат како позитивен сигнал за нивното покажување респект кон институцијата претседател на Република Македонија. - Истовремено сметаме дека за самото вршење на должноста на претседателот Иванов може да се смета како една потврда за неговите правилни заложби, изјави пратеникот Милошоски.       
 
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски рече дека говорот на претседателот Иванов немал ништо содржински и конкретно. 
 
 - И денеска Иванов не даде одговор на клучните прашања што ги мачат граѓаните за криминалот и корупцијата за партизираното судство, за притисокот врз медиумите, поделбите по сите основи во државата. Тој воопшто не даде мислење каде треба да оди Република Македонија, изјави Ивановски.  

И СДСМ не соопштува кога ќе ја информираат јавноста за претседателскиот кандидат ниту пак кои се можните кандидати. 
 
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Неџати Јакупи оцени дека станува збор за проштален говор на еден претседател на заминување. - Говорот на претседателот во заминување уште еднаш го потврди ставот на партијата дека за Република Македонија време е да има еден консензуален претседател, изјави Јакупи. Тројцата пратеници на ДУИ, според него, присуствувале на седницата за да ја испочитуваат институцијата претседател на државата.  
 
Појасни дека за нив консензуален претседател значи тој да биде поддржан и од што е можно повеќе политички сили во државата, така што не треба да биде пресуден фактот дали тој ќе биде Македонец или Албанец, туку да биде прифатлив за сите. 
 
- Ние би сакале тоа да се случи на овие претседателски избори, всушност тоа е нашиот предлог, рече Јакупи.      
 
За НСДП обраќањето на претседателот Иванов беше проштално бидејќи, како што рече пратеникот Горан Мисовски, немаше ниту една насока за иднината на државата, краткорочна или долгорочна. Според него, неприсуството на министрите и на поголем дел од пратениците на ДУИ, на ДПА и на НДП на седницата, за него може да е сигнал дека албанскиот фактор нема да му даде шанса за втор мандат и оти ќе бараат подобро решение. 
 
Пратеникот Наџи Џелили од НДП смета дека Иванов во последниот говор од мандатот останал доследен на тоа дека е претседател само на една политичка партија, а не на сите. - Го бојкотиравме говорот на претседателот. Албанските партии треба да излезат со консензуален став и заеднички претседателски кандидат, смета Џелили повторувајќи го уште еднаш предлогот на неговата партија. 
 
Според Ивон Величковски од Либералната партија ова беше повеќе статистичко обраќање.

23.12.2013 - 15:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа