Постои можност диносаурусите да се вратат во живот?!
Биохемичарката од британскиот Универзитет Оксфорд, Алисон Волард, тврди дека диносаурусите би можеле да се вратат во живот, и тоа преку ДНК-то на птиците.
Таа смета дека научниците, со утврдување и мерење на одредени гени пронајдени во ДНК-то на модерните птици, би требало да бидат во можност да направат "дизајн" на гените на праисториските суштества.
"Знаеме дека птиците се директни потомци на диносаурусите, што го докажуваат и пронајдените фосили, кои укажуваат на преминот меѓу одредени диносауруси и денешните птици. Оваа еволуција значи дека длабоко во ДНК на денешните птици, постојат вклучени гени кои ги контролираат карактеристиките кои ги имале диносаурусите. Тоа упатува на фактот дека можеме да направиме своевидна дееволуција и да ги вратиме диносаурусите во живот", смета Волард.
Таа додава дека сите животни и билки делат заеднички претци, кои живееле пред 1,6 милијарди години, и дека дееволуцијата и тоа како е возможна. Па така, најголем дел од работата би бил дизајнот на гените кои биле создадени како комбинација на милиони кратки фрагменти на нуклеински киселини, слично како редењето сложувалка, што и не е едноставна работа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа