Александар Пујовски: Ќе продолжиме да градиме спортски објекти низ цела Македонија

Во изминатиот период активни сте како на домашен, така и на меѓународен план во делот на меѓународната соработка. Неодамна потпишавте Меморандум за соработка и со Република Словенија, додека со Катар и Малезија договоривте соработка. Што подразбира меѓународната соработка во делот на спортот?

Меѓународната соработка е всушност, дел од развојните сегменти на среднорочниот стратешки документ, односно, Програмата за развој на спортот во Република Македонија за периодот 2013-2017 и се однесува на унапредување на меѓународната соработка на нашата земја во рамки на Советот на Европа, УНЕСКО, Европската Унија, Светската анти-допинг агенција и меѓународните спортски асоцијации. Тоа подразбира соодветно делување согласно препораките и меѓународните акти кои го третираат спортот произлезени од истите, а прифатени од страна на субјектите кои ја вршат дејноста спорт, некои од нив ратификувани од страна на државата поради својата природа, и сето тоа заради трансфер на влијанието на меѓународната спортска сфера врз националната и комплементирање на националните политики во спортот кореспондентно на политиките на Владата на Република Македонија.

Од стекнувањето на независноста, Република Македонија настојува да се промовира како одговорен субјект во меѓународните односи, прифаќајќи ги основните принципи и цели содржани во Повелбата на ОН како постулати врз кои се темели нејзината надворешна политика.

На регионален план, Република Македонија настојува да ги унапреди добрососедските односи, соработката и одржливиот развој на регионот на кој му припаѓа. Уште од самото пристапување во членство во СоЕ (9 ноември 1995 година), како пан-европска организација која здружува 47 земји членки, Република Македонија, како демократски и евро-атлански ориентирана земја, сериозно пристапи кон обврските кои ги подразбира едно вакво членство стремејќи се кон искористување на можноста од здружувањето со останатите европски земји за градење иднина темелена врз заеднички вредности и принципи насочени кон заштита на државниот, национален, политички, културен и економски идентитет.

Дел од целите и приоритетите на Република Македонија во надворешната политика, односно:промоцијата на своите национални вредности и интереси; градењето сестрани односи на соработка со сите држави од непосредното и поширокото соседство – како на билатерален план, така и во рамки на регионалните иницијативи и проекти по пат на учество во постојаните процеси за регионална соработка во целиот регион на Југоисточна Европа; континуираниот ангажман насочен кон унапредување и натамошно збогатување на односите со демократски определени држави со кои Република Македонија има, во голема мерка, традиционално добри и развиени односи; учеството во работата на сите значајни организации промовирани преку Министерството за надворешни работи, ја отвораат можноста за делување на Агенцијата за млади и спорт во областите од своја надлежност.

Изминатиов период, во насока на билатералните односи, Агенцијата за млади и спорт има направено повеќе иницијативи за потпишување договори за билатерална соработка со држави од непосредното и поширокото соседство на ниво на органи на управа надлежни за работите од областа на спортот. Соработката, главно, е насочена во правец на размена на искуства заради воведување на спортот во рамки на функционирање на едно модерно општество кон кое Република Македонија се стреми, како и кон олеснување на законските и институционални реформи неопходни за остварување заеднички цели и интереси од областа на спортот.

Во рамки на средбите на претставници на Агенцијата за млади и спорт со претставници од државни органи одговорни за работите од областа на спортот од други земји, посебно на настани од мултилатерален карактер и регионални средби на ниво на експерти за спорт на кои повиканите присуствуваат, вклучително формалните и неформални конференции на европски министри одговорни за спортот кои се одржуваат на секои две години во организација на СоЕ, во неформалните разговори од билатерален карактер се потенцира потребата за зајакнување на меѓусебните врски во правец на интензивирање на билатералните односи и соработката во областа на спортот. Имено, во дел од заклучоците кои произлегуваат од таквите средби редовно се истакнува потребата за регионална соработка на земјите од Европа на секое поле, вклучително и во спортот. Како што споменавте, таков договорен однос неодамна воспоставивме и со Словенија, покрај сличните кои досега Агенцијата за млади и спорт ги има формално воспоставено со Србија, Бугарија, НР Кина, Азербејџан, а во фаза на размена на иницијативи за истото сме со Црна Гора, Руската Федерација, Украина, Малезија и Катар.

Консеквентно на дел од одредбите содржани во Европската спортска повелба каде се вели дека „треба да се поттикнуваат спортските организации кон воспоставување меѓусебни корисни спогодби, заемно, како и со потенцијални партнери од областа на медиумите и комерцијалниот сектор, избегнувајќи притоа каква било експлоатација на оние кои се занимаваат со спорт“.

Агенцијата за млади и спорт утврди определби во оваа насока, со цел: овозможување подобри услови за тренинг; аклиматизација и подготовки за претстојни меѓународни натпревари;заради остварување успешни подготовки за учество на Олимписки и Параолимписки Игри; обука и размена на искуства помеѓу тренери, судии и останат спортски персонал; обезбедување донации;соработка и заедничко лобирање пред матичните меѓународни асоцијации за работи од заеднички интерес и заради учество во органи и тела на истите; соработка заради размена на најнови публикации од областа на спортот и физичката култура и работа на заеднички истражувачки проекти и научни трудови во областа на спортот и нивна заедничка афирмација.

Наведените цели претставуваат перспектива која ја осигурува билатералната соработка. Во овој дел, битно е да се споменат и билатералната и мултилатералната соработка кои националните спортски федерации од Република Македонија ги остваруваат самостојно преку гореспоменатите облици. Меѓународната соработка во спортот, како што, впрочем, и во останатите дејности, е една широкоопфатна сфера која е исклучително битна како еден од чинителите за севкупен развој на спортот во Република Македонија за која може многу да се говори. Тоа ќе го сториме во едно, односно тематско интервју.

До каде е со развојот на училишниот и универзитетски спорт?

Тргнувајќи од потребата за посеопфатно поимање на спортот како начин на живеење со кој учениците и студентите во Република Македонија, преку нивна зголемената вклученост во спорот и спортско-рекреативните активности, ќе го подигнат квалитетот на своето живеење во повеќе сегменти, вклучително задоволувајќи го националниот стремеж за остварување високи меѓународни спортски резултати преку проектирање насоки за развој на врвниот спорт во рамки на училишниот и универзитетскиот спорт, низ соодветно делување во односните спортски проблематики поврзани со светските трендови и акти донесени како резултат од широки консензуси во меѓународната спортска сфера прифатени и ратификувани од страна на Република Македонија како и меѓународниот систем на натпревари во универзитетскиот спорт кој е респектабилен, наша определба е неговиот развој во нашата земја да го поставиме врз основа на неколкутемелни принципи, достапност, разновидност, отвореност, посветеност, одржлив развој, одговорност. Достапноста и отвореноста се едни од темелните принципи на спортот. Спортот не може да опстојува како затворен, изолиран систем, имун на останати влијанија и чинители кои го надополнуваат. Спортот може да постои единствено низ достапност и отвореност, бидејќи на тој начин се себеверификува и, со самото тоа, се унапредува. Во својата интеракција со спортот која се остварува низ повеќе начини на вклученост во неговите текови, учениците и студентите, покрај задоволството кое ќе го добиваат од спортската изведба, на тој начин тие ќе ги прошируваат и сопствените културни сознанија, ќе проникнуваат во искуствата на други култури и, во нивниот пристап кон спортските вредности, истовремено несвесно ќе вршат споредби и селекција на истите, притоа, низ отвореноста кон различностите, ќе градат и негуваат сопствен интегритет и сопствени вредности и ќе ја развиваат свесноста за еден од највредните постулати на спортот, а тоа е неговата моќ за јакнење на националното чувство како и за поврзување на нациите и културите.

Имајќи го предвид зголемувањето на бројот на високообразовни установи во Република Македонија во последнава декада, порасна и бројот на потенцијални учесници кои би можеле да бидат вклучени во систем на натпревари во рамки на универзитетскиот спорт. 
Основни предуслови, пак, за успешно функционирање и унапредување на универзитетскиот спорт се: мотивиран стручен кадар кој произлегува од самиот воспитно образовен систем во рамки на универзитетите, објекти и обезбедување расположивост на истите, нешто што, впрочем, преку инвестирање во изградба на репрезентативните спортски сали на УКИМ, Битолскиот универзитет Св. Климент Охридсти, на ДУТ во Тетово и на ФФК, како и останатите спортски сали и други спортски објекти кои ги гради Агенцијата за млади и спорт а, секако, имајќи ги предвид и спортските сали во училиштата кои ги гради Министерството за образование и наука, покажува дека и Владата на Република Македонија води несомнена грижа за училишниот и универзитетскиот спорт, потоа, прилагодување систем на натпревари заради мотивирање на учениците и студентите да се вклучат во рамки на истиот и, секако, концептуирање на воннаставните спортски активности во прилог на гореспоменатото.

Во насока на унапредување на системот на натпревари во универзитетскиот спорт, предвидено е воспоставување концепт за поинакво функционирање на универзитетските спортски сојузи и националната спортска федерација за универзитетски спорт врз кои ќе се темелат натамошните развојни степени со цел за остварување на огромните општествени придобивки кои ги претполага развојот и негувањето на универзитетскиот спорт.

Ваквиот пристап води кон создавање концепт на универзитетски спорт одразен низ вредности каде најдобрите студенти, како и учениците во делот на училишниот спорт, во одреден спорт ќе ги „бранат на боите“ на својот факултет, понатаму и на својот универзитет и, конечно, на својата земја во рамки на меѓународниот систем на натпревари.

Во таа насока, минатата недела, во свечената сала во ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во организација на Агенцијата за млади и спорт и УКИМ се одржа тематска расправа на тема – „УНИВЕРЗИТЕТСКИ СПОРТ – потреба и обврска“.

На расправата, која се одржа како резултат на повеќемесечна координација помеѓу АМС и УКИМ и прва од овој вид во нашата земја во смисла на нивото и составот на присутните кога е во прашање универзитетскиот спорт, покрај моето и присуството на ректорот на УКИМ проф д-р Велимир Стојковски, учество земаа сите повикани страни одговорни за развојот на универзитетскиот спорт, односно деканите од сите факултети при УКИМ, декани, ректори и професори од останатите универзитети во нашата земја, вклучително претставници од повеќето национали спортски федерации меѓу кои и од ракометната, кошаркарската и фудбалската федерација и познати спортисти.

Цел на настанот беше преку презентацијата на д-р Томислав Андоновски од Агенцијата за млади и спорт, на универзитетската и спортска фела да и се претстави новиот концепт за системски поставен, финансиски поддржан и консолидиран модел на функционирање на универзитетскиот спорт, каде, меѓу другото, беа нотирани и останатите потреби неопходни за развој на универзитетскиот спорт. Во периодот што следи, планираме реализација на конкретни активности во таа насока.

Агенцијата за млади и спорт, благодарение на Вашата активност, доби грант од УНЕСКО во износ од 20 илјади долари за борба против допингот. Што подразбира реализацијата на овој проект?

Да, добивањето на овој грант, впрочем, е уште еден доказ за значајот и потребата од делувањето во меѓународната сфера. Покрај спроведувањето допинг контроли изминатиот период, Комисијата е активна и во делот на мултилатералната соработка во рамки на Регионалната анти-допинг агенција која е дел од Светската анти-допинг агенција ВАДА. Повикувајќи се на Меѓународната конвенција против допингот во спортот на УНЕСКО која преку инструментот на нејзина ратификација е дел од македонското законодавство, покрај обврските произлезени од овој правен инструмент за вршење допинг контроли, Република Македонија, преку Националната анти-допинг комисија при Агенцијата за млади и спорт, во изминатиот, но и во претстојниот период ќе реализира годишни програми кои опфаќаат вршење допинг контроли врз македонски спортисти и спортисти кои се дел од македонските спортски клубови и се натпреваруваат во националните лиги, како што е примерот со неодамнешната допинг контрола извршена во ракометните клубови Металург и Вардар за што јавноста е целосно информирана.

Во таа насока, Агенцијата за млади и спорт аплицираше и за прв пат од формирањето на Комисијата доби грант од „Фондот за елиминација на допингот од спортот“ на УНЕСКО во висина од 20.000 УСД, средства кои ќе се употребат за развој на националната анти-допинг програма. Но, битното овојпат е што овој проект подразбира реализација на активности токму во делот на подигање на свеста на сите повикани страни вклучени во спортот каде постои ризик од употреба на допинг, а токму тоа е нешто што недостасува како сознание кај нашите спортисти и останатиот персонал вклучен во спортските активности, посебно медицинските лица, нутриционистите и тренерите.

Напорно работите и во реализацијата на капиталните проекти во делот на спортската инфраструктура. До каде е со нивната реализација?

Инвестирањето во спортската инфраструктура е, можеби, еден од најбитните развојни сегменти за спортот. Агенцијата за млади и спорт реализира повеќе проекти за изградба на спортски објекти на целата територија на Република Македонија. Изминативе месеци имавме навистина одлична динамика во реализација на проектот „100 повеќенаменски игралишта“. Проектот го стартувавме во мај оваа година, а веќе до крајот на годината целосно се завршени 40-тина повеќенаменски игралишта од кои поголемиот дел се веќе ставени во употреба. Во 2014 година се планира да се доизградат дополнителни 30 повеќенаменски игралишта.

Секако, задоволството е огромно кога гледаме како граѓаните, спортистите, спортските клубови, националните спортски федерации, тренери, спортски работници и, секако, најмладите, децата, се пресреќни со изградбата на спортските објекти. Со самото тоа, останува заложбата тие, преку спортувањето, да прераснат во личности кои преку негувањето на основните спортски вредности и спортската култура, понатаму, дополнително ќе придонесуваат во развојот на спортот во Република Македонија.

При крај е и тендерската постапка за доизградба на тениските терени, при што планираме во текот на 2014 да бидат изградени 30 тениски терени на повеќе локации низ земјава. Исто така, оваа година пристапивме и кон реализација на проекти за санација и адаптација на постојни спортски објекти, активност која ќе почне да се реализира веќе во првиот квартал од следната година, во завршна фаза на изградба е спортската сала во Чаир, а во фаза на изградба се и спортските сали на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Државниот универзитет во Тетово, Спортската гимназија М.М.Брицо и во Гази Баба. Во 2014 година планирано е и отпочнување со изградба на спортски сали во Шуто Оризари и во Домот за деца без родители „11 Октомври“. Преку реализација на проектите за изградба на спортска инфраструктура, што претставува основен предуслов за зголемување на вклученоста на граѓаните во спортот и „Спортот за сите“, спортот, покрај просторно, се проширува и во делокругот на подигнување на нивото на нивното општо здравје што, имплицитно, преку зголемување на нивната продуктивност, доведува и до сообразување и комплементирање на овие аспекти со создавањето квалитативни придобивки и врз делокругот на социјалните политики и пазарот на трудот, а со тоа и врз подобрувањето на самата економија на Република Македонија.

Изградбата на спортските објекти во целата држава претставува стремеж на Владата на Република Македонија да ја ублажи состојбата од овој недостиг и да создаде основни услови за стратешки профилиран развој на младите во Република Македонија преку нивно вклучување во спортот и спортските активности.

Минатата година започнавте кампања против говорот на омраза, каде беа вклучени познати имиња од спортот и културата како Горан Пандев, Васил Зафирчев, Филип Миркуловски... Дали се чувствуваат придобивките на ова поле од реализацијата на кампањата или сметате дека потребно е да се продолжи на подолг рок?

Почетокот на Националната кампања против говор на омраза во нашата држава беше обележан истовремено и со нејзиното презентирање во Советот на Европа на 22 март 2013, со што уште оттогаш Република Македонија ги искажа своите заложби за придружување на глобалното движење против говор на омраза.

Во кампањата се вклучени, покрај Агенцијата за млади и спорт како национален координатор, и повеќе институции и организации кои се дел од Националниот комитет задолжен за планирање, спроведување и следење на активностите од кампањата. Досега беа спроведени повеќе активности од кои најзначајни беа: обуката за оние кои ќе бидат вклучени во делот на предавањата против говор на омраза, панел дискусија каде се дискутираше за механизмите и алатките за спречување говор на омраза и, она што беше најинтересно за јавноста – вклучувањето на познати лица во кампањата, со што беше постигнат еден општ консензус дека ова прашање е, но и понатаму треба да биде високо на агендата на нашите политики и активности, особено во поглед на едукацијата, а во таа насока и превенцијата по тој однос кај младите луѓе.

Досегашните активности покажаа успех, но исто така ни посочија дека потребна е голема посветеност на овие прашања од сите страни, така што кампањата продолжува и во текот на 2014 година со нови активности, пред сè наменети за младите луѓе.

Започнавте соработка за имплементација на Европската младинска картичка (ЕYCA). Кои се придобивките од оваа картичка за младите?

Европската младинска картичка конечно пристига и во нашата држава, а истата е веќе долго време позната меѓу младите во земјите од Европа поради придобивките кои истата ги нуди. Со помош на европската младинска картичка се овозможува и поттикнува мобилноста на младите преку размена на информации и искуства, учество во програми за едукативна и културна размена, учество во програми за волонтирање и вработување, семинари, обуки итн. Таа исто така нуди и можност за многу попусти за младите во голем број продавници, ресторани и сите оние интересни места за младите, не само во Македонија, туку и во сите останати држави каде е таа застапена.

МИА

23.12.2013 - 12:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега