Ходорковски проговоре од Берлин: „Се радувам за одлуката на Путин“

Поранешниот руски олигарх Михаил Ходорковски изјави денеска во Берлин дека никогаш не се изјаснил како виновен по обвиненијата за даночни измами и злоупотреби и покрај тоа што беше амнестиран од рускиот претседател Владимир Путин, јави ДПА.

Тој истакна дека побарал да биде помилуван од Путин без потпишување на какво и да е писмено признание на вината.

На прашањето дали му е благодарен на Путин поради амнестирањето тој одговори: „Да, се радувам поради оваа негова одлука“.

Поранешниот олигарх пред новинарите во Берлин изјави дека од правна гледна точка и покрај помилувањето пресудата по првото дело против него од 2005 година не е поништена. Според пресудата тој треба да плати 550 милиони долари.

Ходорковски појасни дека од тие причини не може да се врати во Русија и додаде дека со оглед на валидноста на пресудата, тој нема да може повторно да ја напушти земјата. Тој изрази надеж дека Врховниот суд на Русија ќе ја поништи пресудата за 550-те милиони долари и додаде дека доколку Судот донесе таква одлука, тоа ќе го протолкува како сигнал дека може да се врати во родната земја.

Поранешниот магнат изјави дека засега не знае каде ќе живее со семејството и додаде дека ова прашање ќе го разгледа со својата сопруга.

Претходно тој на Твитер објави дека ќе се посвети на активности за ослободување на политичките затвореници во Русија, но нагласи дека нема да учествува во политиката. Во таа насока тој истакна дека нема да ја финансира руската опозиција.

Ходорковски додаде и дека бизнисот за него е затворена тема и дека отсега ќе се посвети на дејности поврзани со човековите права.

Според руските медиуми Ходорковски се уште поседува стотици милиони долари на сметки во странство, а самиот тој денеска во Берлин изјави дека не знае со колку пари располага.

Пред десет години имотот на Ходорковски е проценет на осум милијарди долари, а темпото на неговиот напредок беше импозантно - од 2001 година, кога на листата на најбогати луѓе во светот беше на 194. место до 2003 година, кога се искачи на 26. место.

Во мај 2005 година судот во Москва ги осуди Ходорковски и Платон Лебедев на девет години затвор поради малверзации и затајување данок. Подоцна казната е намалена на осум години.

Во друг предмет, судот на 30 декември 2010 година Ходорковски и Лебедев ги казни на 14 години затвор поради нелегално присвојување и легализација на пари стекнати со криминал. Московскиот Градски суд потоа ја намали казната на 11 години, а Врховниот суд за уште два месеци, така што Лебедев треба да излезе од затвор во мај 2014 година, а Ходорковски требаше да биде ослободен во август следната година.

По судските процеси голем дел од некогашната империја „Јукос“ е продадена на лицитација на државната енергетска компанија „Росњефт“.

22.12.2013 - 13:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа