"Среќен пат во земјата на предците ти ја истрча својата трка" - погребан Мандела

Првиот црн претседател на Јужна Африка и легендарен борец против апартхејдот, Нелсон Мандела е погребан денеска. 

По официјалната церемонија на простување, ковчегот со посмртните останки на Мандела го презеде неговото семејство заради погреб по традицијата на племето Коса, во гробницата на семејниот имот во тоа село, во кое Мандела го помина детството и деновите по напуштањето на политиката.

- Ова е крај на 95 славни години на борецот за слобода, посветен и покорен слуга на народот на Јужна Африка, рече јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума на официјалната церемонија на простување од Мандела.

Церемонијата почна со песни на племето Коса, на кое припаѓа кланот на Мандела, Тембу.

- Личноста која овде лежи е најголемиот син на Јужна Африка, рече заменик лидерот на владејачкиот национален конгрес (АНК) Сирил Рамапоса, а соборецот на Мандела против апартхејдот кој со него беше заробен на островот Робен, Ахмед Катрада, во емотивниот говор потсети на „големите резерви“ на љубовта на Мандела, трпение и толеранција.

На церемонијата присуствуваа околу 4.500 гости - роднини, јужноафрикански функционери, претседателот Зума и надбискупот Дезмонд Туту, претставници од странство како што се британскиот принц Чарлс, принцот од Монако Алберт Втори, поранешниот премиер на Зимбабве Морган Цвангираи, американскиот борец за човекови права Џеси Џексон, телевизиската ѕвезда Опра Винфри и милијардерот Ричард Бренсон.

Обраќајќи се во името на децата и внуците, внуката на Мандела Нанди, рече дека нејзиниот дедо како дете одел босоног на училиште во Куну, а на крајот станал претседател и фигура од светско значење.

- На нас останува да постигнеме во животот се што сакаме, рече таа, посакувајќи му на Мандела, „среќен пат“.

- Среќно Мадиба. Среќен пат во земјата на нашите претци, ти ја истрча својата трка, рече Нанди на јазикот на племето Коса.

15.12.2013 - 13:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа