Џемс Бонд е пијаница!

 

Џемс Бонд е „пијаница и импотентен“ поради прекумерното пиење на „работното место“, покажува истражувањето што го направија група лекари од Дерби и Нотингам во Велика Британија.

Во лекарската анализа на сите 14 романи на писателот Ијан Флеминг, во кој се појавува ликот на Џемс Бонд, се заклучува дека овој британски таен агент пие по 1,5 шише вино секој ден, како и барем по пет од неговите омилени коктели вотка-мартини и вкупно по 92 алкохолни единици секој месец.

Со таква зависност од алкохолот и од секојденвното пиење Бонд има оштетен црн дроб, има сериозни проблеми со потенцијата и е предодреден за рана смрт, забележуваат истражувачите.

Ваквата необична анализа лекарите ја направиле откако ги прочитале внимателно книгите на Флеминг и ги бележели сите видови пијалоци и количествата што тајниот агент ги „пие“ опишани во романите.

Во извештајот објавен во свеченото, предбожиќно издание на угледното медицинско списание „Бритиш медикал џурнал“ лекарите велат дека иако имаат разбирање за потребата Бонд да пие, додека се бори со меѓународните терористи и да се коцка со чашка алкохол покрај себе, му препорачуваат на овој таен агент да го преиспита натамошното конзумирање алкохол.

Според лекарскиот тим од истражувачи, тој е гламурозен човек и подготвен да ја освои секоја девојка што ќе ја сретне, но сепак од тоа не е останато ништо, поради прекумерното пиење.

На крајот од својата анализа лекарите забележуваат дека секоја година во светот умираат по 2,5 милиони луѓе од пиење и алкохолизам. 

13.12.2013 - 16:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега