Собранието ги прифати оставките на Гешоски и Витановски

Во рамки на 52. седница денеска Собранието ги усвои оставките на Благоја Гешоски и Јанаќе Витановски од функцијата член на Комисијата за верификација на фактите.

- Подолг временски период, како во Комисијата, така и во јавноста го искажувам моето несогласување со начинот на кој се спроведува процесот во Македонија, односно сметам дека процесот целосно ја промаши својата цел. Потврда на ваквите тези стигнаа и од Венецијанската комисија, наведува Гешоски.

Од своја страна, Витановски истакнува дека процесот на лустрација во Македонија „оди во погрешна насока и ја промаши својата цел“. - Сметам дека Комисијата ја води нелегитимен претседател. Комисијата во својата работа акцентот го ставаше на поранешните функционери, наместо на актуелните функционери. Исто така, законот содржи одредби кој што Уставот веќе еднаш ги прогласи за противуставни, а сега тоа нешто го потврди и Венецијанската комисија, при што Комисијата ги користеше овие одредби. Во моите настапи во Комисијата и во јавноста постојано предупредував на горенаведените забалешки, но моите забелешки беа игнорирани или надгласувани од страна на Комисијата. Од тие причини поднесувам оставка од функцијата член на Комисијата за верификација на фактите, се вели во барањето за оставка од Витановски.

Собранието ја заврши оваа седница и ќе продолжи со работа во рамките на 74 седница.

10.12.2013 - 11:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа