Албанците биле невини рибари или нарко дилери? - Детали од крвопролевањето во Мала Преспа

Еден грчки полицаец и двајца албански државјани го загубија животот во престрелка која денеска се случила на грчко-албанската граница кај Флорина, Мала Преспа.

Инцидентот се случил дваесеттина минути по полноќ. Грчката погранична полиција, која патролирала во Преспанскиот регион на тромеѓето меѓу Албанија, Грција и Македонија, ги контролирала празните колиби. Во едната од нив се наоѓале двајцата Албанци вооружени со автоматски пушки.

Кога еден од полицајците влегол во колибата тие отвориле оган кон него и го убиле. На тоа возвратиле другите двајца полицајци и ги застрелале Албанците. Во престрелката полесно биле повредени и двајцата грчки полицајци, пренесуваат албанските медиуми.

Дел од медиумите наведуваат дека убиените албански државјани биле рибари од градот Девол, а дел дека колибата ја користеле нарко-шверцери. Според нивните блиски роднини, двајцата биле женети и имале по две деца, живееле во голема сиромаштија и со рибарање обезбедувале основна егзистенција.

Убиениот грчки полицаец е Елиас Костени (43), додека албанските државјани се браќата Клевис Чолаку (28) и Мелси Чолаку (34), жители на Девол.

08.12.2013 - 14:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега