Јанкулоска: Ќе продолжиме со мерките против лажните азиланти

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, денеска изјави дека МВР и понатаму ќе спроведува мерки за спречување на негативните појави и намалување на бројот на  лажни баратели на азил во европските земји по потекло од Македонија.

- Република Македонија прави максимални напори да се намали бројот на условно речено нелегитимните баратели на азил кои потекнуваат од Република Македонија. Во таа смисла ние преземаме мерки и активности за превентивно делување како информативни кампањи, разговори со ранливите групи и потенцијалните лажни баратели на азил, но преземаме и репресивни мерки како казнување на лицата кои организираат нелегално патување заради злоупотреба на безвизниот режим и кои на кој било начин сакаат да профитираат на грбот на овие лица, со што практично ја доведуваат во прашање визната либерализација како придобивка за сите граѓани на Република Македонија, изјави министерката за внатрешни работи  одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на кампања „Пресечете ги конците на трудовата експлоатација и трговијата со деца во Македонија“.

Министерката додаде дека МВР интензивно ќе спроведува активности против лажните азиланти.

Според одлуката на Советот на министри на ЕУ, итната мерка за укинување на безвизниот режим на шест месеци за некои држави можна е и во случај на непочитување на договор за реадмисија, односно во случај на одбивање барања на ЕУ држава да одбие да прими назад свои државјани кои би го злоупотребиле визниот режим. 

06.12.2013 - 15:14

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа