СДСМ „распали“ по градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ: Во нивните општини се случува партизација и расипничко трошење на парите на граѓаните

Хаосот што му се случува на Град Скопје е само пример како ВМРО-ДПМНЕ владее со секоја општина, oбвинуваат од владејачката СДСМ во соопштение испратено до медиумите.

„Хаос, самоволие и нефункционалност се случува речиси во секоја општина каде ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт.

Наместо решенија, наместо реализација на проекти, во општините раководени од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се случува партизација, зголемување на цените на услугите, злоупотреба на службената положба и расипничко трошење на парите на граѓаните“, велат од СДСМ.

„Во општина Штип градоначалникот Иван Јорданов и мнозинството во Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го зголемија данокот на промет на недвижности од три на четири отсто, откако претходно го поскапеа такси превозот и трошокот за ѓубретарина.
Во Ѓорче Петров, во ек на најголема економска криза, градоначалникот ќе потроши 100.000 евра за опремување на нова општинска зграда.

Во Битола и Прилеп возила од јавни претпријатија се злоупотребуваат за одење по свадби, но и за приватни патувања во и надвор од државата.
Во Прилеп е зголемена цената на јавниот превоз, на паркингот и на комуналните услуги, како и цените за фирмарина и поставување урбана опрема, а зголемени цени на комуналните услуги има и во Радовиш и Виница, но и во неколку други помали општини.

Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ се симбол за неработење, за расипничко трошење на народните пари“, стои во реакцијата на СДСМ.


13.12.2022 - 09:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега