Волерс: Со гордост ја нарекуваме Македонија пријател и сакаме да ја видиме во ЕУ

За време на своето обраќање на свеченоста во Американската амбасада во Скопје, амбасадорот Пол Волерс, синоќа пред присутните истакна дека САД и Македонија воспоставиле дипломатски односи пред 20 години, а од тогаш до сега партнерството е силно и мисијата е непроменета.

- Разгедувајќи ги фотографиите ќе видите дека врските помеѓу нашите две држави се подеднакво и разновидни и цврсти. Ќе видите дека постои взаемна поддршка за одбранбените приоритети на нашите земји. Дури и во овој момент војниците на нашите земји стојат рамо до рамо во Авганистан. Ние го поддржуваме напредокот на Македонија во области како зајакнување на спроведување на законот, земјоделството, образованието, граѓанското општетство и во многу други области. За таа цел во изминатите 20 години Соединетите Држави имаат обезбедено повеќе од милијарда американски долари како помош за Македонија, посочи меѓу другото амбасадорот Волерс пред собранискиот спикер Трајко Вељановски и многу други министри од Владата.

Ние гледаме на иднината како партнери и замислуваме каде сакаме да бидеме и што може да постигнеме заедно. Нашето партнерство денес е динамично, енергично и свртено кон иднината и јас немам никаква дилема дека тоа ќе потрае уште многу години. Исто како што сме биле заедно во минатото и како што сме заедно денес, така ќе останеме заедно и во иднината, порача американскиот амбасадор.

САД отворија канцеларија за врски во Скопје на 3 декември 1993 година, а првиот шеф на мисијата амбасадорот Виктор Комрас формално почна со работа во април 1994 година.

04.12.2013 - 10:01
Фото: 
Евести

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега