Разбиена голема мрежа за трговија со оружје меѓу Балканот и Франција

Во голема полициска акција во Франција разбиена е мрежа за недозволена трговија со оружје меѓу земјата и Балканот, при што се уапсени 45 лица, од кои 35 се задражани во притвор, јави дописникот на МИА од Париз.

Во акција која беше спроведена вчера, биле вклучени околу триста припадници на француската жандармерија, кои покрај апсењето на членовите на мрежата, заплениле и поголемо количество на оружје и муниција со потекло од Словачка и балканските земји. Акцијата е спроведена на територијата на цела Франција.

Во операцијата се запленети стотина видови на оружје, муниција и делови, кои според истражните органи, потекнуваат од Словачка, Косово и Србија.

- Запленивме оружје од сите видови и од сите калибри, во најголем дел употребливо, меѓу кои и стотина пиштоли, автоматски пушки, митралези и два ракетни фрлачи, изјави раководителот на истрагата, потполковник Дидие Бержер.

Истрагата започнала во февруари 2012 година, кога при претресот кај едно лице обвинето за поседување на украдена стока од Горна Марна, жандармеријата открила дваесетина пиштоли, пушки и муниција.

Во истрагата е утврдено дека повеќе лица купувале оружје и делови за оружје кај ист снабдувач, при што покрај словачкиот, откријат е уште еден канал за шверц, кој потекнува од Балканот. Од овие два канали во Франција од 2009 година, па досега, биле внесени стотина видови на оружје и муниција.

Според истражните органи, дел од ова оружје дошло во рацете на криминални групи и било користено за вооружени грабежи.

03.12.2013 - 10:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега