Караванот на СДСМ во Кочани - Заев ја претстави новата програма

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ја претстави новата програма на партијата во Кочани.

Денеска кога дојдовме во Кочани ни рекоа: “Сами ќе видите како ќе поминете. Ама да знаете, ако вечерва салата е полна, значи на добар пат сте. Ако не е полна треба многу да работите.“

Ова вечерва овде е повеќе од полно. Ви благодарам на честа која ни ја укажувате со вашето присуство вечерва.

Дојдено е време во кое што нема друг правец, освен правецот на враќање на средната класа, создавање фер и правично општество за сите, моменти кога парите ќе ги вратиме назад кон граѓаните.

Државната социјална пензија ќе биде 4600 денари, тоа се 40% од просечната пензија која што е 11500 денари на ова ниво во Република Македонија. Истовремено ќе воведеме враќање на стажот за пензионирање. Со 35 години стаж жените и 40 години стаж мажите ќе можат да одат во пензија во иднина.

 

2500 денари социјална помош, 2500 денари за петчлено семејство само за леб не стигнуваат. Ние предлагаме 40% да се зголеми социјалната помош. Тоа ќе ја чини државата околу 10 милиони евра годишно. Но тоа се нашите најсиромашни граѓани. Со оваа мерка на подигање на социјалната помош 10% годишно, 40% за 4 години, ќе овозможиме колку – толку поспокоен живот кај овие социјално најзагрозени граѓани. Оваа цела мерка годишно е 10,5 милиони. За 4 години, заради тоа што ќе се прават напори голем дел од тие луѓе да се вработат со искрена државна политика, вкупно за 4 години, државата ќе ја чини 28 – 29 милиони евра. 28 или 29 милиони евра се 4 споменици во Скопје, коишто оваа Влада ги направила. Истовремено и оваа мерка е во насока на враќање на парите назад кон граѓаните. Ќе понудам неколку мерки важни за земјоделието. Ова е еден од нашите земјоделски краеви, каде што граѓаните знаеле чесно и достоинствено да живеат од својата земјоделска пот и земјоделска мака. Денеска тоа не е така. Прво оваа власт секој момент го искористува да каже пред земјоделците дека ако дојде СДСМ и Заев, немало да има субвенции. Јас од овде вака ќе им кажам: Субвенции ќе има и повеќе од она што денеска го делат. Повеќе ќе има субвенции. Со мудра и домаќинска политика ќе останат повеќе пари за субвенции.

Различно кај нас е тоа што, кај нас субвенциите кога ќе дојдеме на власт, а ќе дојдеме многу брзо на власт ќе се делат навреме и тогаш кога на земјоделецот му требаат. Значи ако го ожнее житото есента, веднаш да му се дадат субвенции за да може да почне нова сеидбена сезона. Ако овде го косиме, жнееме оризот во почетокот на октомври, тогаш до крајот на октомври да бидат исплатени субвенциите за оризот. Ако градинарите се подготвуваат за сеидбена сезона, расадуваат во февруари – март, тогаш треба да се дадат субвенциите. Тогаш им требаат пари и за вештачки ѓубрива и за најлони и за расадување и за сè. Навремено мора да бидат дадени субвенциите.

 

И втората работа што ќе има конечна цел и ефект. Пример: Ако од 1 декар вадиме 600 килограми ориз, идната година оној кој ќе извади 650 килограми, односно 50 килограми повеќе, за 50 килограми ќе добие за 10% поголеми субвенции. За да го стимулираме земјоделецот да го зголемува своето производство. Но при тоа ќе дадеме по 10 милиони евра годишно за нови бунари, за рехабилитација на системите за водоснабдување, за изградба на нови системи. Еве слушам во Кочанско еден месец подоцна ја пуштаат водата, луѓето подоцна засадија, ги фати сланата на почетокот на октомври и ништо од оризот. Епа тоа не е фер и не е добро. Затоа мора да инвестираме во сите трошоци на земјоделското производство.

И уште една мерка која што е важна за самите земјоделци е воведувањето бенефициран стаж. Ако полицајците имаат бенефициран стаж, и земјоделците и градежниците ќе имаат бенефициран стаж.

 

Имаме намера како партија која што ќе ја има честа да ја води оваа држава, во иднина да не дозволиме на 64 години, и на 65 и на 66, земјоделците да работат на полето. Да не дозволиме градежници на 65 и на 66 години, да паѓаат од скелетни конструкции на петти спрат градејќи објекти. Државата мора да води грижа за својот народ. Преку бенефицираниот стаж, на секои дванаесет месеци стаж, тринаесеттиот месец ќе биде бенефициран, што значи земјоделците ќе одат во пензија, не на 64 години, туку на 60, 61 година. Преку тоа ќе го заштитиме нашиот граѓанин, во овие тешки дејности, побрзо да доживее и да дочека пензија, па дај Боже после нека живее до 100 години и нека си ја користи пензијата која што заслужено си ја заработил.

Неколку мерки да презентирам од областа на економијата и капиталните инвестиции. Во Социјалдемократскиот сојуз кога вагавме за `се што ќе треба да се има пари, како тоа целото ќе биде спроведено. Одлучивме дека Македонија има капацитет за наредните 4 години да изготви проектна документација, да заврши експропријација и да започне изградба на три автопати. Еден од тие три автопати е автопатот Штип - Кочани, со трета лента до Делчево и до граничниот премин “Делчево“. Овој наш источен регион заслужува автопатско решение, а дај Боже оваа Влада која што реши да почне сега со автопатот Скопје - Штип, штом ќе престане и ќе заврши со својот мандат, а тоа ќе е многу скоро, ние ќе го продолжиме тој автопат за да можеме да го довршиме патот до Кочани. Заедно со ова инфраструктурно решение ќе ја пуштиме и гасоводната мрежа во Македонија. 8 години не лаже Груевски за гасификација. Гасот е природен енергенс чија што цена е на пола цена од нафтата, е 20% понизок од мазутот, е поевтин од струјата, и е поевтин од дрвото за греење. Цела Европа користи природен гас. Србија користи природен гас, Бугарија користи природен гас, Албанија користи, Хрватска користи природен гас, само Македонија не користи природен гас. Знаете зошто, гасот не се краде, да може власта да си го стави во џеб, затоа не градат гасоводни системи во државата. Природен гас мора да има во Македонија. Зошто? Заради тоа што штеди исто така пари. Како што велиме од ДДВ-то ќе вратиме пари, мора да има евтини енергенси за граѓаните, кои што ќе им заштедат пари. Годишно едно семејство ќе ги преполови своите трошоци за грејна сезона.

 

 

 

02.12.2013 - 16:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа