"Можна е среќа во Македонија" - Шеќеринска ја презентираше програмата во Битола

Заменик-претседателката на опозициската СДСМ, Радмила Шеќеринска, синоќа ја презентираше новата програма на партијата во Градот на конзулите.

- Ќе го спречиме иселувањето на младите во Македонија, едно од решенијата е предлог мерката на СДСМ за бизнис инкубатори со што младите ќе добијат шанса за свои бизниси. Тоа што е потребно во општеството е да се има социјална одговорност. Не сме премногу амбициозни, единствен избор ни е таквиот пристап, а политиката може да биде пристојна професија.Сега власта го цеди народот, Скопје 2014-та, само за 11 споменици однел во нечии џебови, како што покажа досегашната ревизија 8 милиони евра пари на граѓаните. Или на пример, ако градоначалникот на Битола, Талески, потрошил 200 милиони евра, а битолчани од нив не гледаат никаков бенефит, тоа е злоупотреба на сопствениот народ. Битола оди назад, а неговиот Анкетен лист се полни. Овде очигледно нешто не е како што треба, вели шеќеринска.

На трибината граѓаните бараа дообјаснувања за предлог мерките што ги промовира СДСМ. Повозрасните присутни се интересираа за пензиите. За оваа предлог мерка добија одговор дека пензиите ќе се формираат според потрошувачката кошница, на секој три месеци, затоа што сите трошоци за живот се повеќекратно зголемени.

На трибината во хотелот Епинал во Битола, што се одржа вчера, се обрати и претседателот на ОО на СДСМ во Битола, Васко Ковачевски, кој објасни дека основната суштина и насока на предлог мерките на СДСМ е  враќањето на средната класа, а со тоа и враќањето на достоинството на граѓаните, за што побара мислења, сугестии, предлози и поддршка од неговите сограѓани.

 

 

 

30.11.2013 - 13:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега