ДПА ја прекина седницата за пратенички прашања

Собранието ја почна седницата за пратенички прашања, но, само петнаесетина минути подоцна таа беше прекината на барање на ДПА. Спикерот Трајко Вељаноски реагираше на процедуралното барање на ДПА за пауза од еден час, во знак на протест, како што рече координаторот на ДПА Беким Фазлиу, поради неприсуството на министри на ДУИ на седницата и употребата на албанскиот јазик во Собранието.

Тој и неговиот колега Беким Ќоку, посочија дека министрите на ДУИ се на одбележувањето на Денот на албанското знаме, но оти тоа право го немаат и другите вработени Албанци. Ќоку им го честиташе празникот на своите сограѓани и, меѓу другото, констатираше дека во Македонија не се почитува рамноправноста. Тој ги искажа своите тези, се заблагодари и рече дека нема пратеничко прашање.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски укажа дека пратеничките прашања не треба да се злоупотребуваат за партиски прес-конференции.

- Во Деловникот во член 37 пишува дека пратеникот има право на претседателот на Владата, на член на Владата и на други носители на јавни функции да им постави прашање за нивната работа или за работа од нивна надлежност, прашањето треба да биде прецизно. Пратеникот е должен да одлучи на кого му го поставува прашањето. На крај господинот Беким Ќоку кажа што имаше и рече немам прашање. На пратенички прашања не поставува прашање, рече Вељаноски.

Додаде дека до сите министри упатил барање да присуствуваат на седницата.

- Тој што не доаѓа сноси политичка одговорност што може да ја покрене секој. Трето - не е коректно ваш пратеник да се пријави да постави прашање, да биде ставен прв на редоследот и потоа да побарате еден час пауза и на тој начин да им го ускратите правото на другите кои сакаат да постават прашање, изјави Вељаноски.    

Фазлиу побара пауза од еден час во знак, на протест, како што рече, поради неприсуството на министрите на ДУИ на седницата и употребата на албанскиот јазик во Парламентот.

- Од ДУИ денеска лажат дека наводно го слават 28 ноември. Ако се славеше 28. требаше да го слават сите Албанци. Денеска вработените Албанци ова право го немаат, рече Фазлиу.

Вељаноски, како претседател на Собранието, според него, треба да побара одговорност од министрите на ДУИ поради тоа што не присуствуваат на седницата. 

Извор: МИА

28.11.2013 - 13:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега