Валтер: Прашањето за Македонија ќе се разгледува следната година

Роберт Валтер, британски парламентарец и претседател на Европската асоцијацијаза безбедност и одбрана ЕСДА, за Дојче Веле вели дека пристапните преговори со Македонија најверојтно ќе бидат на дневен ред догодина по изборите за европските институции.

- Знам дека Европската комисија кажа многу јасно дека преговорите со Македонија треба да почнат што е можно поскоро. Меѓутоа, за жал јас не можам да бидам толку голем оптимист, зашто стравувам дека отворањето на пристапните преговори ќе биде повторно поместено по пролетните мајски избори за европските институции. Но, оптимист сум, во смисла дека Македонија ќе стане членка на двете организации, НАТО и ЕУ, кога ова, според мене техничко прашање околу името, ќе биде надминато. Зашто за македонските граѓани е исклучително важно да бидат дел од ЕУ и НАТО“, вели Валтер за ДВ.

Според него, европската безбедносна и одбранбена политика ќе биде меѓу главните приоритети на декемврискиот самит на Европскиот совет.

- Десет години по усвојувањето на Европската безбедносна стратегија, која остана неостварена зашто нема јасно дефинирани цели, ниту статегиско планирање, за неа ќе расправаат шефовите на држави и влади. Дали поради ова прашање, кое за ЕУ е особено ургентно во услови на финансиската криза и преоринтацијата на американските приоритети од Европа кон Пацификот, ќе има простор да се разговара и за почетокот на пристапните преговори со Македонија - е се уште целосно неизвесно. Но, извесно и сигурно е дека Македонија има голема улога во операциите на НАТО во Авганистан и оваа улога ќе биде уште поголема кога Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО, а со време верувам дека земјата ќе ја видиме и во Европската Унија, вели тој.

Британскиот парламентарец смета дека прашањето за името не смее да го попречува членството на Македонија во ЕУ и НАТО.

- Јас многу јасно ја кажав мојата позиција. Не е до мене да одлучам кое е вистинското име за Македонија. Мојата Влада ја признава вашата земја како Република Македонија. Но, сметам дека ова прашање не треба да го спречи членството на Македонија во НАТО, ниту во Европската унија, истакнува Валтер.

Валтер е член на Парламентот на Обединетото Кралство, претседател на ЕСДА (Европска асоцијација за безбедност и одбрана), вицепретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и претседавач на Берлинската конференција за безбедност и одбрана, на која два дена (26 и 27 ноември) се расправаше за задачите во Авганистан по 2014 и улогата на ЕУ.

 

 

28.11.2013 - 09:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега