Ангеловска-Бежоска: Фокусот на монетарната политика е насочен кон одржување на ценовната стабилност
По речиси една декада на ниски стапки на инфлација, минатата година светот започна да се соочува со зголемена инфлација, предизвикана од шокови на страната на понудата. Пролонгираното и подисперзираното дејство на овие шокови доведе и до нагорни придвижувања кај инфлациските очекувања. Зголемените инфлациски очекувања, коишто во некои економии беа придружени и со притисоци од побарувачката, доведоа до постепено повлекување на монетарниот стимул. Имено, дел од централните банки веќе преземаат мерки за постепено нормализирање на монетарната политика заради одржување на среднорочната ценовна стабилност, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Годишната меѓународна конференција „Одржување на растот во време на неизвесност и потоа“.
Гувернерката посочи дека инфлацијата во земјите во регионот на Централна и Југоисточна Европа во април достигна просечено ниво од 11,4%. Инфлацијата е зголемена и во домашната економија (10,5% во Април), со оглед на исклучително високата трговска отвореност на земјата, што значи голем број продукти коишто ги користиме се од увоз. Со оглед на зголемените инфлациски очекувања и состојбата на девизниот пазар, Народната банка исто така започна со постепена нормализација на монетарната политика преку користење повеќе инструменти. Секој чекор во натамошниот период ќе зависи од макроекономските услови и очекувања и согледувањата на ризикот.
Гувернерката истакнува дека координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика е од особено значење за пребродување на новите предизвици коишто ги донесе војната во Украина. За време на пандемијата, силната реакција и добрата координација на монетарната и фискалната политика придонесле за релативно брзо закрепнување од кризата. Сепак, во оваа криза, со оглед на инфлациските движења, ситуацијата е поразлична и вниманието на централните банки треба да биде насочено кон одржување на стабилноста. Неопходно е ублажувањето на ефектите врз економијата на краток рок да се прави преку фискалните инструменти што ги засегаат најприоритетните области и најпогодените категории на населението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа