Загинаа 25 лица при уривање на покрив на трговски центар во Рига

Загинаа 25 лица, а 36 се повредени при синоќешното уривање на ѕидови и покривот на трговскиот центар „Максима“ во  Рига, соопштија демеска летонската противпожарна служба.

Како што јави ИТАР-ТАСС, меѓу загинатите има и тројца спасувачи.

Од вкупниот број повредени, 28 се пренесени во болница, додека останатите осум по укажаната медицинска помош се пуштени на домашно лекување. Меѓу повредените се и осумина вработени во Противпожарната служба.

- Причина за трагедијата веројатно е непочитувањето на нормите за безбедна изградба при озеленувањето на покривот, изјави градоначалникот на Рига, Нилс Ушаковс.

Градежните материјали при работите на покривот биле складирани на едно место меѓу носечките столбови на објектот.

Несреќата се случи синоќа околу 18 часот по локално време, кога прво се урнал еден од ѕидовите на зградата и покривот. Подоцна, кога почнало расчистувањето на теренот, се урнал уште еден ѕид. Површината на урнатините изнесувала околу 500 квадратни метри.

Летонскиот државен Центар за крводарителство упатил помош за дарување крв за настраданите.

На местото на несреќата се ангажирани околу 400 спасувачи и полицајци. Довезена е и дополнителна техника за да се расчистат остатоците што го ограничуваат пристапот до местата на кои се претпоставува дека може да има веројатно уште околу 30 затрупани луѓе.

 

22.11.2013 - 10:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега