Сѐ уште се работи на евакуација на македонските граѓани од Авганистан

Сите регистрирани македонски граѓани во Авганистан се безбедни и се работи на нивна брза евакуација. Од 75 наши граѓани во Авганистан, околу 50 вчера беа на воениот терминал на аеродрмот во Кабул, од каде чекаат лет со воен авион на американската армија за Доха, Катар, додека 25 граѓани се наоѓаат во американската база во Кабул, во непосредна близина на аеродромот, и чекаат да бидат трансферирани кон аеродромот и потоа евакуирани.

Владата информираше дека со внимателност ја следи ситуацијата во Авганистан и е во постојана темелна координација со сојузничките држави од НАТО Алијансата, а првенствено со САД.

– Владата е во директна комуникација со компаниите во кои се вработени македонските граѓани кои се регистрирани во Авганистан и за кои се обезбедени повеќе опции за летови за евакуација и за нивно пристигнување во Северна Македонија. Во овој момент имаме информации дека сите наши регистрирани граѓани се безбедни и дека не се наоѓаат во загрозувачка ситуација, соопшти вчера владината прес-служба.

Доколку се појават потешкотии, Османи посочи дека ќе ги активираме алтернативните планови за кои разговарале со нашите партнери.

Република Северна Македонија, уште во јули месец го повлече сиот воен, дипломатски и цивилен персонал и во моментов нема свои претствници во Авганистан.

Во МНР од саботата е формирана работна група која работи на евакуација на наши државјани кои се работно ангажирани во Авганистан, и воспоставен е контакт со комопаниите од кои се работно ангажирани, испратени се формални барања до сите земји кои имаат присуство во Авганистан за нивна асистенција при евентуални летови за евакуација, за што од голем број земји веќе е потврдно одговорено дека ќе бидат земени предвид нашите барања.

Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, од Владата преку соопштение вчера информа дека се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.

Владата работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации.

Сите неопходни оперативни и административни прашања поврзани со учеството на Северна Македонија во меѓународната хуманитарна мисија за спасување на локалното население од Авганистан, како што најави владината прес-служба, ќе бидат разгледувани и ќе бидат донесени соодветни одлуки на денешната и следните седници на Владата.

17.08.2021 - 09:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега